Јавното претпријатие за паркиралишта и зеленило од Гостивар денеска го објави јавниот повик за пронаоѓање на приватен концесионер за воспоставување, стопанисување и одржување на системот на зонското паркирање во Гостивар. Заинтересираните приватни фирми во претстојниот период имаат можност да ги достават своите понуди за учество во постапката, по што Општина Гостивар ќе добие нов партнер во организирањето на зонското паркирање во градот. Ваквиот проект во Гостивар беше воведен уште во 2014 година, кога претходното општинско раководство потпиша договор за јавно – приватно партнерство со фирмата „Дуна“.
Општина Гостивар ја укина досегашната наплата на зонското паркирање на почетокот од февруари годинава и паралелно со тоа го раскина дотогашниот договор за јавно – приватно партнерство со избраната фирма. Општинските власти велат дека договорот му нанел големи финансиски штети на јавното претпријатие за паркиралишта и зеленило од Гостивар. Зонското паркирање во овој град вклучува околу 650 паркинг места.