По долгогодишната најава на проектот и потребата за ново административно здание, општина Ѓорче Петров го објави тендерот за изградба на новата зграда по пат на јавно – приватно партнерство. Ќе се бара најповолен понудувач за објектот кој се планира да се изгради на површина од 15.000 метри квадратни со проценета вредност од 12,65 милиони евра без ДДВ. Од вкупната квадратура, на општината ќе и` припаднат 6.000 метри квадратни со функција на административен простор, додека останатиот дел од објектот е предвиден за комерцијални потреби. Во рамките на проектот е планирано да се изгради и подземен паркинг простор со површина од 16.000 метри квадратни.
*локацијата на која ќе се гради новата општинска зграда
Во февруари годинава советниците на оваа општина ја усвоија физибилити – студијата за изградба на новата општинска зграда што ќе се наоѓа спроти постоечкиот трговски центар „СП Планет“ на местото на некогашните привремени објекти. Општина Ѓорче Петров со години се соочува со потреба за нов административен простор, а во 2005 година беше изработен и идеен проект за објектот. По неколку неуспешни обиди за изградба, очекувањата се дека општината ќе ја добие новата зграда по изборот на најповолен приватен инвеститор што ќе се изврши по изминувањето на крајниот рок за пријавување на тендерот од 10 јануари 2012 година.
» Форумска дискусија за овој проект
Бојан Блажевски