Претходна статија
Новиот ургентен центар во болницата „8-ми Септември“ ги подигнува стандардите на архитектурата во здравствените објекти во Македонија
Следна статија
По половина година, повторно порасна цената на становите во Скопје

Голем интерес за изградба на нови градинки и старечки домови

Објавено на 08.08.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од крајот на минатата година до денес вкупно 55 домашни и странски физички и правни лица пројавиле интерес за изградба на приватни домови за стари лица, додека пак 28 инвеститори од земјава и од странство се заинтересирани за подигање на приватни детски градинки. Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денеска информираше дека овој проект на Владата има позитивен развој кај приватниот бизнис и постои добар прогрес во неговата реализација. „Веќе се посочени 35 локации наменети за изградба на приватни домови за стари лица и 55 објекти кои со интервенција или адаптација можат да се користат за оваа намена. Исто така, посочени се и 23 локации на кои може да се изградат приватни детски градинки и се посочени 14 објекти кои би можеле со определени инвестиции да се користат за отворање на приватни детски градинки“, рече Ѓорѓиев.

 

* Домот за сместување на стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“

(извор: Општина Битола) 

 

 

Во делот на старечките домови, во моментов се продава градежна парцела за оваа намена во општина Илинден, додека Министерството за труд и социјална политика во втората половина на август ќе објави повик за продажба на веќе изграден објект во општина Пехчево. Земјиште за ваков тип на здание веќе е продадено во општина Аеродром. Градежно земјиште за подигање на старечки домови ќе се продава и во Неготино, а постапки за нивно основање во моментов се одвиваат во општините Богданци, Гостивар, Струмица, Крушево, Карпош и Аеродром.

 

Владиниот портпарол потенцираше дека има сериозен интерес и заинтересирани инвеститори за изградба на детски градинки во општините Аеродром, Гостивар, Центар Жупа и Битола, со кои во тек се разговори и се преземаат активности за обезбедување на соодветна локација. Македонската влада на сите инвеститори им нуди четири мерки за основање и изградба на ваков тип објекти: продажба на градежно земјиште по цена од 1 евро за метар квадратен, можност за давање под долготраен закуп или пак склучување на јавно – приватно партнерство за објекти што се веќе подигнати, намалување на цената на комуналната такса за 95%, обезбедување на поволни кредитни линии преку Македонската банка за поддршка на развојот и поволности преку активните политики за вработување на Агенцијата за вработување.