Хотелски комплекс со приземје, шест ката и поткровје и максимална бруто развиена површина од 11.767 метри квадратни ќе се гради кај спортско – рекреативниот центар „Кале“ во главниот град. Во конкуренција на пет субјекти, скопската фирма „Вардар експрес“ на денешната електронска аукција успеа да ја купи градежната парцела со површина од 2.350 метри квадратни, по цена од 6.780 денари за метар квадратен, или вкупно 15.933.000 денари (околу 260 илјади евра). Продаденото земјиште е опфатено со Деталниот урбанистички план за дел од СРЦ Кале – Блок 2.
* Хотелскиот комплекс ќе се гради зад руината на несудениот дистрибутивен центар на „Рудине“, делумно урнат од градежната инспекција во 2002 година
Инвеститорот ќе мора фасадата на објектот да ја прилагоди на архитектонските стилови – барок или класицизам, а Комисија формирана од Министерството за транспорт и врски ќе треба да ја одобри фазата архитектура од основниот проект, пред да се издаде одобрение за градење. „Вардар експрес“ е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата во согласност со постигнатата цена од електронската лицитација, потоа има рок од 9 месеци за да обезбеди градежна дозвола, а објектот ќе треба да го изгради во период од 10 години од денот на издавање на дозволата.
Покрај оваа, пред три дена беше продадена уште една парцела за изградба на хотелски комплекс во непосредна близина, при што како купувач на земјиштето се јави струмичката компанија ГМ „Инвест Груп“. Министерството за транспорт и врски на електронското наддавање во вторникот не успеа да ја отуѓи локацијата со површина од 2.447 метри квадратни, наменета за изградба на деловен објект под скопското Кале.