Претходна статија
„Барокна“ урбана опрема за скопскиот парк Жена борец?
Следна статија
Започна санацијата на мостот „Гоце Делчев“

Голем број реакции на плановите да се гради во Националниот парк Галичица

Објавено на 12.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Граѓанската иницијатива Охрид SOS денес информираше дека голем број на граѓани и здруженија ги доставиле своите забелешки и коментари во однос на Ревидираниот нацрт извештај за стратешка оценка на животната средина по предложените измени на Планот за управување со Националниот парк Галичица за периодот 2011 – 2020 година. Со предложените измени во овој документ се отвора можноста за изградба на експресниот пат Охрид – Пештани, скијачкиот центар на Галичица и туристичко развојните зони во Љубаништа, Стење и Отешево. Пред само еден месец, граѓански активисти и здруженија побараа распишување на референдум во Охрид како форма на одлучување во однос на можноста за изградба на сите овие проекти.

 

 

 

Од Охрид SOS денес соопштија дека во соработка со Здружението за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“ испратиле коментари со свои забелешки на македонски и англиски јазик до Националниот парк Галичица. Во обемниот коментар јавно достапен се објавени бројни забелешки, поделени во неколку дела: забелешки во врска со одржувањето на расправата, забелешки во однос на носечкиот капацитет, забелешки за веродостојноста и независноста на јавната установа Национален парк Галичица, забелешки за политичка позадина, забелешка за недостиг на сигурни, ажурирани информации, забелешки за неутрализацијата на влијанијата врз биолошката разновидност, забелешки за местата во кои загубите од планираните проекти не може да се неутрализираат, забелешки за постапувањето со ендемичните видови, како и за хиерархијата за ублажување, сомнежи во врска со мерките за неутрализација, несоодветни формули за неутрализација на биолошката разновидност итн.

 

„Јавноста е таа што одлучува што е од нејзин интерес, а овојпат граѓаните кажаа гласно НЕ за предложените проекти што значат безмилосен масакр на регион кој не само што е прогласен за УНЕСКО светско природно и културно наследство, туку е и УНЕСКО прекуграничен биосферен резерват. По којзнае кој пат нагласуваме дека таканаречените „корисни“ проекти се закануваат неповратно да ја уништат причината поради која планината Галичица е воопшто прогласена за национален парк“, посочуваат од граѓанската иницијатива Охрид SOS.

 

Од јавната установа Национален парк Галичица треба допрва да излезат со информации во врска со бројот на доставени коментари и забелешки во текот на јавната расправа. На барање на невладините организации и здруженијата на граѓани, датумот за доставување на коментарите од граѓаните и од невладиниот сектор беше продолжен до вчерашниот ден. Останува да се види колку од поднесените реакции ќе бидат прифатени или одбиени во натамошната фаза од донесувањето на Ревидираниот нацрт извештај за стратешка оценка на животната средина во однос на планираните измени на Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011 – 2020 година. Нацрт – документот за стратешка оценка на животната средина беше изработен од Градежниот институт „Македонија“.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk