Претходна статија
До 2020 година 20% од енергијата во државава ќе се добива од обновливи извори
Следна статија
ТЕМА: Бериќетна 2011 година за македонските аеродроми (ДОПОЛНЕТО)

Годинава започнува реконструкцијата на пругата долж Коридор 10

Објавено на 24.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#„Македонски железници Инфраструктура“ со амбициозни планови влегува во новата 2012 година. Според информациите објавени на официјалната веб – страница, јавното претпријатие предвидува да отпочне со реализација на проекти во висина од 45.400.000 евра. Дел од предвидените проекти се пред одобрување кај европските финансиски институции, дел ќе се реализираат по фази во текот на неколку години, а одреден сегмент од проектите ќе се спроведат во текот на 2012 година. Во текот на март е предвидено да започне ремонтот на две делници од Коридорот 10, помеѓу Табановце и Куманово во должина од 13,3 километри и помеѓу Миравци и Смоквица во должина од 13,1 километри со што максималната брзина на возовите би се покачила на 120 километри на час. Финансиските средства за овој зафат се обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а истиот ќе треба да финишира до мај 2014 година при што ќе се реконструираат 53 километри железничка пруга во вредност од 17,6 милиони евра.

 

Во втората половина на 2012 година треба да започне реконструкцијата на Скопската железничка станица, а „МЖ Инфраструктура“ очекува да добие дополнителни финансиски средства од ревидираната ИПА програма за рехабилитација на 5 до 8 железнички станици долж Коридор 10 и 10д. Во архитектонско, техничко и информативно подобрување на сите станици ќе се вложат 5,9 милиони евра. Од европските фондови се обезбедени 1 и пол милион евра за изработка на основен проект за реконструкција на пругата Куманово – Бељаковце и за тендерска документација за избор на градежна компанија што ќе ја врши рехабилитацијата, а во текот на оваа година е планирано и целосно завршување на Физибилити студијата и Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социоекономскиот живот за пругата Куманово – бугарска граница.

 

За изработување техничка документација за делниците Куманово – Дељадровце, Драчево – Велес и Битола – Кременица ќе се потрошат 1,7 милиони евра. „Македонски железници Инфраструктура“ очекува од ревидираната ИПА програма да добие 6 милиони евра за проектите „Систем радио диспечер“ и „Систем за контрола на брзината на возот“ кои би се реализирале долж целиот Коридор 10 во функција на имплементирање на најновите безбедносни стандарди во железничкиот сообраќај. Од ова јавно претпријатие се надеваат дека во текот на 2012 година ќе се објави тендерската документација за ангажирање консултант за изработка на Основен и изведбен проект и тендерска документација за изградба на железничката линија од Кичево до границата со Република Албанија, а финансиските средства е планирано да се обезбедат од европските фондови. Поставувањето на сигнално – сигурносни уреди на пругата Скопје – Кичево ќе продолжи и во наредната 2012 година, за што ќе се одвојат 200.000 евра.

 

 

Бојан Блажевски