Претходна статија
Општина Центар годинава со два нови училишни објекти
Следна статија
И во Штип ќе се воведува јавен автобуски превоз

Годинава ќе се изградат 80 километри од гасоводната мрежа

Објавено на 16.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Гасификацијата на земјава се одвива со непречено темпо и се очекува да се испочитуваат зададените рокови за изградба на магистралните гасоводи Штип – Неготино, Скопје – Тетово – Гостивар и Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола. Во 2018 година е предвидено да се изведат 80 километри од планираната гасоводна мрежа во Македонија. Овие информации денеска ги соопшти министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој одржа заедничка прес – конференција на оваа тема со директорот на Македонски Енергетски Ресурси (МЕР) Благојче Котески.

 

„За оваа година обезбедивме околу 40 милиони евра за гасоводната мрежа и очекувам дека со силно темпо ќе продолжиме да го реализираме овој проект кој е од исклучително значење не само за граѓаните туку и за целокупната економија“ изјави Сугарески. Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар треба да биде изграден до крајот на 2019 година, а Неготино – Битола треба да биде комплетиран во 2020 година.

 

Државната компанија МЕР, во соработка со надлежното министерство, паралелно ќе работат на решавање на проблемот со експропријација на земјиштето и на изградба на одредени делови од магистралните гасоводи. Министерот Сугарески информираше дека постојат проблеми со експропријација на земјиштето на одредени траси, но градежните работи на терен продолжуваат. Планот на ова министерство е да се разрешат имотно – правните односи во текот на 2018 година, за наредната година да се работи поефикасно на изведбата на планираните делници.