Од државниот буџет до крајот на 2014 година ќе се инвестираат околу 9 милиони евра во објекти од областа на водоснабдувањето и во системи за наводнување и одводнување. Министерот за земјодество, шумарство и водостопанство Михаил Цеков на денешната прес – конференција информираше дека ќе се финансираат капиталните објекти за браната Оризарска река во висина од 65 милиони денари, за браната Коњско ќе се издвојат 10 милиони денари, за хидросистемот Равен Речица се наменети 20 милиони денари, за браната Слупчанска река 21 милион и 500 илјади денари, за хидросистемот Стрежево 10 милиони денари, додека за останатите инвестиции и проекти од областа на руралниот развој се предвидени 176 милиони денари.
Покрај финансирањето на овие инфраструктурни проекти, годинава ќе се чистат 140 километри од постојната каналска мрежа за наводнување и одводнување, за што се одвоени 80 милиони денари. Во рехабилитацијата и санацијата на постоечките бунарски системи и системи за наводнување ќе се вложат околу 180 милиони денари или околу 3 милиони евра. Министерот Цеков истакна дека во наредниот период се планира проект за водоснабдување во гевгелиско за 4.000 хектари земјоделска површина, проекти за изградба на систем за наводнување во Пробиштип и Кратово на 4.000 хектари во кои ќе се користи вода од браната Злетовица, како и систем за наводнување на 5.000 хектари во велешкиот регион.
Целокупните инвестиции се одвиваат во согласност со изготвениот десетгодишен проект на Владата на Р.М. за изградба и рехабилитација на постоечките системи, со кој се планира да се инвестираат околу 200 милиони евра или годишно по околу 20 милиони евра.