Претходна статија
Општина Центар свечено го отвори паркот „Капиштец“
Следна статија
Преспанското езеро ќе почека на нормално уредена плажа

„Глобко логистик“ вложи два милиони евра во логистички центар во општина Петровец

Објавено на 14.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Денеска во мултифункционалната зона „Ќојлија“ во општина Петровец беше пуштен во употреба првиот комплетиран објект. Се работи за логистички центар на компанијата „Глобко логистик“ со површина од 3.500 метри квадратни и 40 вработени. Изградбата на објектот започна во август минатата година и во него беа вложени речиси два милиона евра.

 

Мултифункционалната зона „Ќојлија“ со објектот на „Глобко логистик“ во позадина (извор: Општина Петровец)„Глобко логистик“ се занимава со поштенски услуги и поседува градежна дозвола за изградба на уште еден објект од 3.500 метри квадратни во зоната „Ќојлија“. „Веруваме дека тој објект ќе се изгради во текот на 2015 година, а до крајот на 2017 година очекуваме да се изградат хали со вкупна површина до 15.000 метри квадратни на нашата локација во зоната која има површина од 22.000 метри квадратни“ рече Снежана Кокраволчевска, сопственик на „Глобко логистик“ и „Глобекс“. Таа истакна дека во компанијата во овој момент работат 200 работници во сите 18 подружници низ Македонија. Покрај логистичкиот центар во Петровец компанијата има неколку подружници во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Битола, Прилеп, Штип Кочани, како и на повеќе локации во Скопје.

 

Мултифункционалната зона „Ќојлија“ се прогега на површина од 195 хектари, а наскоро се планира да се прошири на уште 28 хектари. Лоцирана е кај влезот на аеродромот „Александар Велики“ покрај автопатот Е75. На потенцијалните инвеститори им се нуди ниска цена на комуналии од само 34 евроценти по метар квадратен. „Досега во зоната се продадени 75 локации, а од нив 27 веќе имаат извадено одобрение за градење. Дел од нив се во подгответелна фаза, а дел најавуваат почеток на градба во март идната година. Очекувам за четири до пет години ова да биде огромна индустриска зона во која илјадници луѓе ќе го најдат своето работно место“ изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој присуствуваше на отворањето на објектот.

 

Според информациите кои ги соопшти градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, во непосредна близина на новиот објект на „Глобко логистик“ започнале подготвителни работи за изградба на хала од 8.000 метри квадратни, издадено е и одобрение на турски држвајанин за изградба на хотел на самиот влез кон Аеродромот од 24.000 метри квадратни, а „Тинекс“ планира да гради хала од 12.000 метри квадратни.