Слабеење на македонскиот пазар на домување во текот на 2012 година. По краткото закрепнување во 2011 година, просечната цена на становите во Македонија опаднала за 0,4% на годишно ниво и истата изнесувала 49.941 денари или 799 евра за метар квадратен. Цената на апартманите во македонската метропола бележи мал пад од 0,5%, но и понатаму останува со разумна вредност од 58.687 денари денари или 939 евра за метар квадратен, објавува меѓународниот специјализиран портал за недвижности „Глобал проперти гајд“. Наспроти главниот град, цената на станбените единици во останатите македонски градови се зголемила за 4,9% и е заокружена на 693 евра за метар квадратен во текот на 2012 година.
Во јуни 2013 година било забележано намалување на издадените градежни дозволи за 27,7% во однос на идентичниот период од минатата година. Истовремено, предвидената вредност на објектите се намалила на 24,1 милиони евра, односно за 16,9% во споредба со истиот период лани. „Глобал проперти гајд“ констатира дека станбените кредити во јуни 2013 година биле зголемени за 11,5% на вкупно 333,4 милиони евра. Големината на хипотекарниот пазар е само 4,3% од БДП, што претставува мало зголемување од 3,6% во 2010 година. Во очите на странците не остана заборавена и помошта од македонската влада, која тие ја оценуваат како напор за поддршка на пазарот на домување.
Владата ги зголеми субвенциите за купувачите на станови и куќи од почетните 50% на 75% од месечната банкарска хипотека во првите пет години за новите живеалишта, чија вредност е помала од 900 евра за метар квадратен. Тоа би значело дека за стан со просечна цена од 50.000 евра, владата би платила 15.000 евра преку субвенции. Во целовитиот извештај за Македонија, овој странски медиум го оценува економскиот раст, невработеноста, позначајните одлуки на Народната банка, но и политичките состојби во земјата, како што е решавањето на спорот со Грција. Претходниот извештај на „Глобал проперти гајд“ беше изготвен во септември 2011 година.