Наскоро ќе започне изградбата на дуќаните и административната зграда од недовршениот градски пазар во Гевгелија. Локалната самоуправа потпиша договор со скопската фирма „Техноимпекс“ за реализација на втората фаза од проектот за изградба на нов пазар во најјужниот град во земјава. Од буџетот на Општина Гевгелија за оваа намена се предвидени 8.323.260 денари (135 илјади евра). Изведбата ќе се одвива во наредните 12 месеци, со што Гевгелија догодина ќе добие современ градски пазар. Вкупната цена напроектот досега ја достигна сумата од 1,3 милиони евра.
Во почетната фаза од остварувањето на проектот, фирмата „Бауер БГ“ од Скопје ги изгради трите блока од пазарот со површина од 5.888 метри квадратни, заедно со паркинг просторот, пристапните патеки за граѓаните и просторот за одлагање на отпадот. Постапката за изградба на нов градски пазар во Гевгелија тече веќе трета година.