Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков денеска го пуштија во употреба новиот водоснабдителен систем во општина Гевгелија. Со проектот се изведени нови бунари за снабдување со вода на Гевгелија, хлорна станица, резервоар на Мрзенски рид со капацитет од 1.000 метри кубни, како и потисен цевковод од бунарите до резервоарот со должина од 1.366 метри. Со овој проект е подобрено водоснабдувањето на 17.000 жители од Гевгелија, Мрзенци, Моин и Богородица во општина Гевгелија и од селата Селеми и Стојаково во општина Богданци.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
„Имајќи предвид дека најгорливиот проблем на гевгеличани беше токму водата за пиење, со изградбата на овој систем очекуваме да се надмине деценискиот проблем и конечно да се подобри водоснабдувањето во градот“ изјави министерот Горан Сугарески. Проектот вреден 1,7 милиони евра беше финансиски поддржан од Министерството за транспорт и врски, Европската Унија, Светската банка и општина Гевгелија. На изведбата на проектот работеа фирмите „Хидрострој“ од Бугарија и „Карпош АД“ од Скопје.