Железничката делница од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, која е дел од паневропскиот Коридор 8, ќе започне да се реконструира во март 2014 година. Изведувач на градежните работи ќе биде германската компанија „Вибе“, која достави и најниска понуда меѓу осумте компании што учествуваа на меѓународниот тендер. Македонски железници – Инфраструктура и претставници на „Вибе“ денеска го потпишаа договорот за реализација на првиот и најлесен од планираните три сегменти од железничката траса која треба да ги поврзе Македонија и Бугарија. Вредноста на склучениот договор изнесува 39.753.000 евра, при што изведувачот има рок најдоцна до третиот квартал на 2016 година да ги заврши предвидените конструкциони активности. Финансиските средства за зафатот се обезбедени преку кредит на Европската банка за обнова и развој.
Дел од пругата Куманово – Бељаковце која беше реконструирана во 90-тите (извор: Физибилити студија за Коридорот 8 – Источна делница)
Во рамките на проектот за делницата од Куманово до Бељаковце е зацртано да се рехабилитираат и да се доградат горниот и долниот строј од пругата, да се изградат и санираат три станични згради, четири стојалишта, три моста, една тунелска цевка, осум подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна останата инфраструктура. Покрај на првиот сегмент од трасата, во моментов се работи и на подготвителни активности за изградба на делниците од Бељаковце до Крива Паланка и на најтешкиот дел од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир. Основниот проект за делот до Крива Паланка во должина од 34 километри треба да биде готов до првиот квартал од 2015 година, додека до крајот на третиот квартал од 2015 година треба да се склучи договор за изведувач на градежните работи. Оваа делница ќе чини 144 милиони евра, финансиски средства што треба да се обезбедат од меѓународните финансиски институции.
Делницата Крива Паланка – Деве Баир во должина од 24 километри ќе чини околу 360 милиони евра. За неа е во тек подготовка на документација за објавување повик за избор на консултанти за изработка на неопходната проектна документација, пред воопшто да започнат да се бараат финансиски извори за инвестицијата.