Претходна статија
Продажба на парцели за бензински пумпи
Следна статија
Поставен споменик на Свети Климент Охридски спроти Соборниот храм

Германски финансии за македонската енергетика

Објавено на 29.11.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вкупно 60 милиони евра за обновлива енергија се обезбедени со денешното потпишување на Спогодба помеѓу Владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија за финансиска соработка во втората фаза на „Програмата за енергетска ефикасност“, како и Договорот за заем меѓу македонската Влада и АД „ЕЛЕМ“ од една и германската „КфВ“ Банка (KfW Bankengruppe) од друга страна, за реализација на проектот за рехабилитација на шест хидроелектрани.


Кредит од „КфВ“ Банката во вредност од 27,1 милиони евра ќе биде искористен за ревитализација и модернизација на хидроелектраните  Вруток, Равен, Врбен, Глобочица, Шпиље и Тиквеш. Со проектот се предвидува во хидроелектраните каде веќе се заменети турбинските кола и турбинската опрема со нови, да се замени застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема и да се извршат интервенции во градежниот дел. Освен замена на старата и дотраена и нефункционална опрема, во рамките на проектот ќе се инсталира дополнителна опрема, особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата на стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти. Со овие зафати се очекува вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните да се зголеми за 18,31 мегавати, а производството на електрична енергија да биде поголемо за околу 50 гигават часови годишно.


Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 31,88 милиони евра, од кои 4,78 милиони ќе бидат сопствени средства на АД „ЕЛЕМ“. Кредитот од „КфВ“ Банката е под исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години, грејс период од 5 години и каматна стапка која во моментов е под 1%. Проектот е продолжување и дополнување на првата фаза на ревитализацијата на овие електрани кој се реализираше во периодот од 1998 до 2005 година и треба да биде имплементиран до крајот на 2013 година.


За изградба на предвидените ветерни електрани во близина на Богданци, од вкупно потребните 75 милиони евра, со денешната спогодба се обезбедени 32,9 милони евра. Проектот е во подготовка и се очекува договорите за негова реализација се склучат во првата половина од наредната година. Од ветропаркот кај Богданци се очекува годишно производство од 100 гигават часови.