Владата на Сојузна Република Германија, преку КфВ банката, на нашата земја ѝ додели неповратни средства во висина од 9 милиони евра. Спогодбата меѓу двете земји денеска ја потпишаа амбасадорот на СР Германија во Македонија, Томас Герберих и министерот за финансии, Драган Тевдовски. Со грантот ќе се финансираат два проекта. Четири милиони евра се наменети за втората фаза од проектот за наводнување на јужна долина на реката Вардар, а пет милиони евра ќе се насочат кон подобрување на водоснабдителната мрежа на Кавадарци и на Гевгелија.
*Извор на фотографија: Влада на Р.М.
Со првиот инфраструктурен проект ќе се изгради и модернизира системот за наводнување на вкупна површина од околу 7.000 хектари, со кој директна корист ќе имаат земјоделците од јужната долина на реката Вардар. Вториот проект ќе означува продолжување на инвестицијата за подобрување на водоснабдителниот систем во Гевгелија и во Кавадарци.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека на располагање остануваат уште три милиони евра обезбедени преку заем од КфВ банката и половина милион евра од државниот буџет наменети за проекти за водоснабдување во Гостивар, во Кавадарци и во Радовиш. Доделениот грант од девет милиони евра е продолжување на досегашниот проект во вредност од 10,6 милиони евра за финансирање на инфраструктурните проекти во неколку македонски општини.