Јавното претпријатие за државни патишта ја избра фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ од Скопје за изготвувач на проектната документација за изградба и реконструкција на пет магистрални и регионални патни правци на територијата на целата земја. Станува збор за изработка на проекти за реконструкција на источната магистрала од Кочани до Делчево, како и за регионалните патишта Делчево – Голак, Лажани – Ропотово – Црнилиште, Кривогаштани – Обршани – Воѓани, но и за изградба на патот до селото Коњарево во струмичката општина Ново Село.
За изработка на проектите се издвоени финансиски средства во висина од 54.707.160 денари или околу 890 илјади евра. Временскиот рок за изработка на проектната документација изнесува помеѓу девет и осумнаесет месеци, по што ЈП за државни патишта ќе може да премине кон избор на градежни компании кои ќе ја реализираат планираната изградба и реконструкција на опфатените патни правци. Тендерот за избор на најповолен понудувач беше распишан кон средината од април годинава.