Изградбата на гасоводниот правец од Клечовце до ТЕ „Неготино“ ќе стартува со реализација во првиот квартал од 2013 година, а сите подготвителни активности пред почетокот на изведбата на проектот се спроведуваат според планираното. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на последната владина седница истакна дека 90 отсто од експропријацијата на градежното земјиште за гасоводот е завршена, со очекување дека целокупниот процес ќе се финишира до крајот на декември. Следниот чекор е обезбедување на одобрение за градба на цевководот и на неопходните мерни станици. Сите детали од идниот договор веќе се разрешени со комисијата од руска страна и до крајот на годината или на почетокот од 2013 година треба да пристигне финалната понуда, врз основа на која ќе се потпише договорот за реализација на инфраструктурниот проект.
Магистралниот гасовод во должина од околу 100 километри ќе се изведува како крак од постоечкиот гасовод кај кумановското село Клечовце, преку Штип и Неготино, до термоелектраната „Неготино“. Носител на проектот е руската компанија „Стројтранс гас“, која треба да ги реализира изведбените активности на терен. Првичната финансиска конструкција изнесува 75 милиони долари, од кои 60 милиони долари се обезбедени од рускиот клириншки долг кон земјава, а останатите 15 милиони долари од државниот буџет. Постоечките проценки се дека проектот би можело да се заврши за една и пол година, поточно до крајот на 2014 година.
Во меѓувреме, локалните самоуправи низ кои треба да минува магистралниот гасовод забрзано се подготвуваат за гасификацијата. Општина Штип се одлучи да го формира јавното претпријатие „Енерго – Штип“ како надлежно за оваа намена, кое во наредниот период треба да одлучи која од двете понудени варијанти за гасификација на градот ќе се одбере. Крива Паланка веќе донесе одлука за започнување на постапката за јавно – приватно партнерство при гасификацијата на градот, која би се остварила во соработка со приватен партнер преку спроведување на моделот „изградба – финансирање – стопанисување – пренесување“. Градот Скопје планира да спроведе слична постапка за јавно – приватно партнерство. Во моментов во тек е огласот за пројавување на интерес од приватните инвеститори за гасификација на главниот град. Локалните власти од Куманово и Струмица се решија проектите за доведување на природниот гас до домаќинствата и стопанските субјекти да ги спроведат преку вложување на финансиски средства од нивните буџети.