Ј.П. „Куманово – гас“ го започна процесот на приклучување на гасоводната мрежа на првите домаќинства во Куманово. Според информациите на локалниот интернет портал „Куманово њуз“, на почетокот од претстојната грејна сезона гасот ќе го користат над 20 субјекти и стотина физички лица кои веќе се приклучени на гасоводната мрежа. Досега се поднесени преку 100 барања за приклучок на дистрибутивниот систем од страна на физички лица. За продолжување на гасификацијата во градот е неопходно да се прошири лиценцата на јавното претпријатие, што е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. Проблемите на „Куманово – гас“ со националното регулаторно тело траат веќе неколку месеци, бидејќи потешкии со добивањето употребна дозвола за дистрибутивната мрежа ова јавно претпријатие има уште од почетокот на годинава.
Од кумановското јавно претпријатие најавуваат дека во наредниот период ќе започне едукативна кампања за придобивките од приклучувањето на гасоводната мрежа, насочена кон жителите на станбените згради во градот. Цената за поврзување кон гасоводот изнесува 800 евра, при што со инсталираната опрема домаќинствата сами ќе имаат увид за потрошувачката на овој енергенс во нивниот дом. Во Куманово досега се поставени 16.260 метри гасоводна мрежа, а сегашната цена на гасот изнесува 34 денари за кубен метар. Од Ј.П. „Куманово – гас“ се надеваат дека од наредната година ќе можат да се самофинансираат исклучиво од наплатата на дистрибуцијата на гасот.