Претходна статија
Камен темелник за фабрика на Џонсон Контролс во Штип
Следна статија
ТЕМА: Цената на деловниот простор во Скопје нереално висока

Гасификацијата на Струмица влегува во завршна фаза

Објавено на 18.10.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Примарната гасоводна мрежа во Струмица е во завршна фаза на изградба, роковите за завршување на првата етапа се почитуваат, а во моментов се поставуваат последните стотина метри гасоводни цевки од вкупно предвидените 12.150 метри. Според информациите од општината, до крајот на месецов се очекува во Струмица да пристигне целосната опрема за компресирање, декомпресирање и транспорт на природниот гас од познатата меѓународна компанија „Галилео“ од Аргентина, која го доби тендерот за набавка на оваа опрема. По поставувањето на опремата, во наредниот период ќе се изврши испитување на целиот систем на гасоводна мрежа од страна на Машинскиот факултет во Скопје, а Ј.П. „Струмица – Гас“ ќе треба да ги обезбеди трајните документи за вршење на оваа дејност.

 

Во согласност со предвидениот план, гасот најпрвин ќе се спроведе до градинките, основните и средните училишта и објектите на локалната самоуправа, за  кои во моментов тече тендерот за преадаптација на котларите. Втората фаза предвидува приклучување на домаќинствата и приватните компании на гасоводната мрежа, а предвидениот рок за завршување на оваа етапа е почетокот на наредната грејна сезона во 2012 година. Со последната трета фаза е планирано затоплување на оранжериите и пластениците за производство на зеленчук и на други земјоделски производи. Првата фаза од проектот започна во април годинава, за што се одвоени 57 милиони денари од буџетот на општина Струмица, а вкупната вредност на целокупниот проект изнесува 230 милиони денари. Поради неизградениот гасовод до Струмица, гасот е предвидено да се транспортира со специјални цистерни од бугарскиот град Петрич до локалната станица за декомпресија во Струмица.

 

 

 

Бојан Блажевски