Претходна статија
Турската компанија „НеСа Енерџи“ ќе гради 44 ветерници во Богданци?
Следна статија
Владата најавува околу 100 милиони евра за македонските патишта во 2013 година

Гасификацијата на Куманово наидува на проблеми

Објавено на 18.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За целосно остварување на проектот за гасификација на Куманово се потребни дополнителни финансиски средства кои би се вложиле во доградба на дистрибутивната мрежа за природен гас. Локалната власт досега вложи околу 2 милиони евра во изведба на гасоводна мрежа во должина од 17 километри, но потребно е дополнително инвестирање за довршување на инфраструктурата со што би се овозможил приклучок на секое домаќинство и индустриски објект во градот. Од Општина Куманово сметаат дека принципот на јавно – приватно партнерство во натамошниот развој на гасификацијата е добар, но тој веќе беше отфрлен од страна на локалните советници.

 

Покрај со инфраструктурниот развој, овој важен проект се соочува и со проблеми во однос на определувањето на цената на природниот гас што ќе се продава на крајните потрошувачи од страна на Ј.П. „Куманово – гас“. Советот на општината на последната седница одлучи еден кубен метар гас да се продава по цена од 34 денари, односно 12 отсто повеќе од набавната цена на енергенсот. За приклучување на физичките лица кон гасоводната мрежа е определен износ од 800 евра. Несогласувањата околу висината на цената на гасот настанаа помеѓу Ј.П. „Куманово – гас“ и Регулаторната комисија за енергетика поради нецелосно завршениот проект за гасификација во градот.

 

Од комисијата се уште не можат да донесат финална одлука за цената на гасот и од тие причини самото јавно претпријатие мораше привремено да ја определи истата. Од Ј.П. „Куманово – гас“ напоменуваат дека таа нема да биде фиксна и ќе зависи од месечната тарифа за овој енергенс што ја определува Регулаторната комисија за енергетика. Од друга страна, од државното тело објаснуваат дека причината за недонесување на одлуката за цената на гасот е поради тоа што дел од дистрибутивната мрежа е во тек на изградба, за неа нема употребна дозвола, а со тоа од претпријатието не можат да ги определат ниту неопходните количини на природен гас што се потребни за крајните потрошувачи.