Магистралниот гасовод од Деве Баир до Скопје се соочува со корозија на седум локации и на него му е неопходна поправка. Акционерското друштво ГА – МА од Скопје денеска го објави тендерот за избор на компанија што ќе ја врши санацијата на внатрешните и надворешните дефекти на гасоводот, при што вкупната должина на кородираните цевки е 10 метри. И покрај нивната минорна должина, корозијата на цевките е распределена на различни локации, па затоа претстојната поправка е проценето дека ќе чини околу 14 милиони денари.
Репарирањето на магистралниот гасовод е предвидено да се заврши до 1 септември 2018 година. Заинтересираните компании за учество во тендерската постапка имаат рок до 5 јануари 2018 година за да ги поднесат своите понуди до ГА – МА. Главен критериум за избор на најповолниот понудувач е најниската цена за изведба на работите.
Магистралниот гасовод Деве Баир – Скопје со должина од 98,2 километри е единственото гасоводно поврзување на нашата земја со соседите, којшто воедно се користи како извор за снабдување со природен гас на нашата земја. Овој систем за пренос на гас е дел од рускиот транзитен гасовод што минува низ Украина, Романија и Бугарија.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk