Претходна статија
За развој на инфраструктурата обезбедени грантови од 188,4 милиони евра
Следна статија
Дополнителни 100.000 евра за довршување на реконструкцијата на домот „Гоце Делчев“

ФОТО ВЕСТ: Затворениот базен во Охрид веќе две години оставен на темели

Објавено на 10.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

И по речиси две години од почетокот на изградбата, затворениот базен во Охрид е изграден само на ниво на темели. Спортскиот објект се гради од фирма „Бауер БГ“ од Скопје, којашто успеала да ги изведе единствено двете бетонски плочи од целото здание. Градежните екипи на изведувачот работат на терен, но прашање е дали со сегашното темпо ќе успеат воопшто да ја завршат карабината на овој објект во рокот предвиден за целосна изградба на затворениот базен. Имено, со потпишаниот договор е предвидено овој спортски објект да биде завршен најдоцна до април 2018 година, односно за околу седум месеци од денешниот ден.

 

 

Инвеститор во спортскиот објект е Агенцијата за млади и спорт, којашто ги обезбедува финансиските средства во висина од околу 5.000.000 евра преку државниот буџет. Затворениот базен во Охрид е проект оставен како ветување за Охриѓани веќе неколку децении наназад. Изведбата на градежните работи ја започна претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но со континуирани доцнења во реализацијата на проектот. Новиот директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски во интервју за „Ohrid News“ изјави дека се следи динамиката на изградба на објектот, потенцирајќи дека ќе се инсистира на реализација на овој проект.

 

 

Затворениот базен во Охрид ќе има едно базенско корито со димензии од 33 x 25 метри и стандардна длабочина од 2 метри и едно помало корито со димензии од 12,5 х 6,25 метри. Објектот ќе има трибински простор со капацитет од 500 гледачи. Во рамки на проектираната површина од 15.000 метри квадратни ќе бидат сместени фитнес клуб, спа и велнес центар, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален простор. Објектот се гради во непосредна близина на спортскиот центар „Билјанини извори“.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk