Претходна статија
Општина Центар ќе забрани градежни активности на Кејот на Вардар
Следна статија
А.Д. „Карпош“ ќе ја гради пешачко - велосипедската патека во Марино

ФОТО ВЕСТ: Споменикот на Мајка Тереза тивко почна да се гради

Објавено на 30.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Последните костени на скопскиот плоштад „Македонија“ не го преживеаја владиниот проект „Скопје 2014“. Без никаква најава, во ноќните часови помеѓу вторникот и средата беа исечени дрвјата на чие место треба да никне спомен – обележјето на Мајка Тереза со висина од дури 32 метри, кое од Министерството за култура е именувано како „објект со скулптурална композиција“. По сечењето на дрвјата, на просторот со површина од 621 метри квадратни се одвиваат подготвителни работи пред почетокот на изградбата на објектот. Поставени се дури и дополнителни безбедносни камери во случаи на појавување на граѓанско незадоволство при заградувањето на просторот. Како алтернативна рута за движење, за пешаците е ослободен мал простор на Кејот помеѓу Панорамското тркало и новата Градска куќа.

 

###

###

 

 

Градежните работи во наредните 18 месеци на ова место ќе ги изведува скопски „Бетон“, кој за реализација на „објектот со скулптурална композиција“ од Министерството за култура доби финансиски средства во висина од 342.223.926 денари, односно околу 5,6 милиони евра. Надзорот над изведбените активности ќе го врши Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии, додека проектната документација за овој објект ја изработи Градежниот институт „Македонија“.

 

За издигнувањето на спомен – обележјето на Мајка Тереза владее комплетен молк од страна на државните органи. Ниту една визуелизација досега не е објавена од надлежното министерство, и покрај вообичаената меѓународна пракса за јавно објавување и образложување на оние проекти кои се градат во градскиот простор што им припаѓа на сите граѓани. Истовремено, во изминатиов период не е објавено ниту едно соопштение од надлежните државни органи за овој проект. Мистериозното идејно решение за ова здание е изработено од авторите Валентина Стефановска и Кирил Мукаетов.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk