По карузелот, бродовите, пајтоните, панорамското тркало и „барокните“ објекти, дел од централното градско подрачје на Скопје стануваат и „стилизираните“ сендвичарници и трафики со позлатени антички столбови. Во изминативе денови на две локации, на булеварот ВМРО и кај хотелот Холидеј Ин се поставуваат новите градби од проектот „Скопје 2014“. Градежните работници досега го завршија водоводниот и канализациониот приклучок, а пред самиот крај на изведбата е и металната конструкција на идните сендвичарници и трафики. Киосците мора да бидат изработени во согласност со архитектонскиот труд што го избра Град Скопје.
„Барокното“ идејно решение за сендвичарниците и трафиките го изработи авторот Жарко Чаушевски. Покрај на овие две локации, плановите се центарот на главниот град да се преплави со ваков тип на објекти, бидејќи во ДУП „Мал Ринг“ се вцртани дури 20 локации за нив. Министерството за транспорт и врски во неколку наврати во 2013 година продаде градежни парцели со површина од 8 метри квадратни, на кои во претстојниот период треба да никнат планираните киосци.
Текст, фото: Бојан Блажевски