Градежната фирма „Алдинг Инженеринг“ продолжува со изведба на „барокната“ управна зграда на „Водовод и канализација“ во центарот на Скопје. Работниците во моментов ги лепат шупливите „барокни“ столбови и останатиот декоративен материјал, откако претходно ја завршија термичката фасада на новиот објект. Во изминативе месеци беа поставени вратите и прозорците, а целосно е комплетирана и покривната конструкција. За доградба на „барокната“ зграда се одвоија финансиски средства во висина од 7,5 милиони евра, поголем дел обезбедени од подигнатиот кредит во износ од 450 милиони денари. Вкупната цена со ентериерното уредување на административниот објект е проценето дека ќе достигне 9,5 милиони евра.
Замисленото здание од владиниот проект „Скопје 2014“ се гради веќе три и пол години. Објектот кој има пет ката и три подземни нивоа се изведува врз основа на идејното решение на авторот Жарко Чаушевски. Идното седиште на „Водовод и канализација“ ќе се простира на корисна површина од преку 10.000 метри квадратни, од кои половината всушност треба да претставува подземна гаража која што ќе прими 138 возила.
» Форумска дискусија за овој проект
Текст, фото: Бојан Блажевски