Претходна статија
ТЕМА: Подем на авиосообраќајот на Балканот, македонските аеродроми на средина
Следна статија
Кинотека на Македонија со нова музејска поставка и проект за Хавзи-пашините конаци

ФОТО ВЕСТ: Се издигаат „барокните“ факултети во кампусот на УКИМ

Објавено на 31.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Двата „барокни“ факултета во кампусот на УКИМ се издигаат во висина. Екипите на „Бетон“ од Штип за една година успеаја да ги завршат темелите и подземни простории на двата објекта, а во моментов ја изведуваат армирано-бетонската конструкција на првите катови од овие градби. Висината на двата објекта од проектот „Скопје 2014“ веќе ја достигнува онаа на зданијата од Универзитетскиот центар, па така, овие згради во „барок“ наскоро ќе доминираат во околниот простор. Изградбата на двата факултети треба да продолжи во наредните две години, до кога се очекува да бидат заокружени градежните работи.

 

Министерството за образование и наука за овие два објекти oдвои финансиски средства од 1,2 милијарди денари од државниот буџет. Автор на „барокот“ што се гради во кампусот на УКИМ е архитектот Жарко Чаушевски. Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе се простираат на површина од 11.238 метри квадратни. Во идните објекти се предвидени простории за одржување на настава, кабинети за професорите и подземен гаражен простор.

 

Универзитетскиот центар-Скопје е изграден како исклучива целина по земјотресот во Скопје од 1963 година. На јавен архитектонски Конкурс победило архитектонското решение на словенечкиот автор Марко Мушич, кое е искористено за изведба на факултетските зданија во 1974 година. Просторот на кој во моментов се градат два нови факултета бил предвиден за изградба на студентски културен центар, кој до денешен ден му недостига на главниот град. Марко Мушич сè уште е жив и потенцира дека не се согласува со идејата за изградба на новите објекти од страна на Министерството за образование и наука.

 

„Лоцирањето на наставни содржини предвидени во внатрешниот комплекс на Универзитетскиот кампус (значи на источната страна на Ректоратот) и во влезното подрачје на Академскиот плоштад (на западната страна на Ректоратот, односно кон центарот на градот), предвиден за јавни културни и пропратни содржини, е несфатливо за мене како што е и неприфатливо за почитувањето на основниот концепт на Универзитетскиот центар „Св. Кирил и Методиј“ истакна Марко Мушич во интервјуто за „Билд“ од пред една година.

 

 

 

 

 

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk