Претходна статија
На 31 март истекува рокот за поднесување барање за легализација на дивоградбите
Следна статија
Централната власт ќе поставува фитнес реквизити по парковите

ФОТО ВЕСТ: Повторно доцни изградбата на новата Филхармонија

Објавено на 29.03.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Изградбата на објектот на Македонска филхармонија никако да заврши. Севкупните активности за довршување на објектот доцнат веќе шест месеци. Во последниот договор потпишан од Министерството за култура на почетокот од 2014 година стои дека објектот ќе биде ставен во функција во временски период од 16 месеци. На терен, работите однадвор никако да се придвижат до финалната точка на реализација. Градежните работници и понатаму ја изведуваат сложената кровна конструкција на објектот, додека застаклувањето на надворешните ѕидови на зданието сè уште не е завршено. Дополнителна работа претстои и во подрумските простории на објектот.

 

Покрај во делот на надворешноста на ова здание, во претстојните месеци треба да се комплетира и ентериерното уредување, на кое му претстои дополнителна работа. Во изминатиов период биле направени корекции во проектната документација за големата концертна сала на филхармонијата. Првичниот концепт не предвидувал квалитетно решение во делот на акустиката. Следствено на ова, финалната визуелизација на големата сала е изменета во однос на првичниот проект. Овие информации ги изнесе универзитетскиот професор Миомир Мијиќ во рамките на своето предавање одржано на неодамнешниот Саем за градежништво. Овој професор од Електротехничкиот факултет при Универзитетот во Белград во моментов работи на акустиката во новата концертна сала.

 

Според најновите податоци од проектот „Скопје 2014 под лупа“, објектот на Македонската филхармонија ја чини државата точно 39.923.157 евра. Идејното решение за објектот го изработи архитект Виктор Михајлов, додека бирото „Македонија проект“ го подготви основниот и главниот проект за ова здание. Изградбата на објектот на Македонската филхармонија доцни веќе пет години, додека градежните работи за реализација на овој проект започнаа пред седум години. Како изведувачи на објектот во моментов се јавуваат фирмите „Гранит“ од Скопје и австриската компанија „Штрабаг“.

 

Објектот на Македонската филхармонија се гради на локација на која словенечките архитекти од студиото „Биро 77“ во далечната 1979 година предвиделе здание наменето за оваа културна установа, но со поинаков дизајн предложен во рамките на Културниот центар. Оваа концептуална идеја на словенечките архитекти Стефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Сплиндер и Марјан Уршич не е испочитувана. На тој начин, новото здание на Македонска филхармонија има поинаков лик од објектот на Македонската опера и балет, кој пак е реализиран во согласност со комплексниот проект за Културниот центар во Скопје.

 

####

####

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk