Претходна статија
Пет објекти долж скопскиот булевар „Илинден“ добија нови фасади
Следна статија
Бугарски инвеститор ќе гради голем трговски центар кај скопскиот аеродром

ФОТО ВЕСТ: Наместо ветената пруга, правлив пат кон Бељаковце

Објавено на 04.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Една и пол година по почетокот на изградбата, пругата кон Бугарија е повторно на слеп колосек. Процентот на реализација на работите е на минимално ниво, иако крајниот рок за целосно завршување на делницата од Куманово до Бељаковце е 2016 година. Градежните работи на терен доцнат во секој поглед. Постоечките надвозници во Куманово не се реконструирани, додека единствената завршена работа е отстранувањето на претходната неупотреблива пруга. Во моментов на терен во кумановскиот регион се работи на ридските засеци долж трасата, како и кај селото Лопате на изградба на еден од планираните мостови.

 

По повеќе од девет месеци, екипа на „Билд“ повторно го посети градилиштето на идентичната локација, во близина на центарот на Куманово. Работите на терен не се помрднати од мртва точка и не е започната изведбата ниту на долниот строј на пругата. Целокупната должина на пругата од Куманово до селото Бељаковце изнесува 30,8 километри, а финансиската конструкција на проектот е над 50 милиони евра.

 

Изградбата на железничката врска кон Бугарија започна на почетокот од март 2014 година. Камен – темелникот свечено го постави премиерот Никола Груевски, заедно со министри од владиниот кабинет. На првата фаза од изградбата на пругата од паневропскиот Коридор 8, треба да се изгради едноколосечна електрифицирана пруга, три железнички станици, четири стојалишта, еден тунел, три мостови, осум подвозници и шест надвозници. Германската компанија „Вибе“, како изведувач на работите, треба да ја постави комплетната телекомуникациска и сигнална опрема. Проектната документација ја изработи австриската фирма ИЛФ. Кој е новиот краен рок за реализација на пругата кон Бељаковце, засега никој не соопштува.

 

###

###

###

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk