Претходна статија
Распишан тендер за пешачко - велосипедска патека во Марино
Следна статија
Леарницата во Пробиштип немало да ја загадува околната средина

ФОТО ВЕСТ: Мавровското езеро доби нова пешачка патека, но и проблеми со неа

Објавено на 22.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Посетителите на Маврово веќе неколку месеци можат да ја користат новата пешачка патека околу езерото, на потегот од почетокот на Маврови Анови до браната. Патеката е со должина од 2,5 километри и со ширина од 2,5 метри и е изведена со павер елементи. Фирмата „Имако“ од Гостивар, како изведувач на градежните работи, хортикултурно го уреди просторот околу патеката и постави ново осветлување. Вредноста на реализираниот проект изнесува 7.917.212 денари (130 илјади евра) и истиот е завршен во договорениот рок. Изведбата на нова пешачка патека околу Мавровското езеро е дел од владиниот проект вреден над 3 милиони евра за реализација на ваков вид пешачка инфраструктура околу езерата во Република Македонија.

 

Наспроти успешната реализација на новата пешачка патека, локалното население укажува на неколку горливи проблеми поврзани со овој објект. Дел од жителите за „Билд“ посочуваат дека патеката е изградена од павер елементи, кои можат лесно да се оштетат од суровата клима во текот на зимските месеци. Истовремено, тие напоменуваат дека дел од патеката е прекриена со бујна вегетација, и тоа по само неколку месеци од нејзиното завршување. Нашите соговорници велат дека би било најдобро да продолжи изведбата на пешачката патека и во делот после браната.

 

На жителите од околните куќи и викендашите најмногу им пречи проблемот со фекалните води од локалите кај мотелот во Маврови Анови, кои се слеваат директно на пешачката патека. „Овој проблем постоел и порано, но сега патеката има улога на брана, па така фекалиите се собираат во вир и се прелеваат преку патеката“, вели еден од жителите на Маврово. Ако на тоа се додаде дека корпите за отпадоци ретко се празнат, тогаш севкупниот впечаток за пешачката патека е исклучително лош. Локалното население на Маврово се надева дека Министерството за транспорт и врски и локалната самоуправа од Маврово и Ростуше ќе им излезат во пресрет за новонастанатите проблеми.

 

 

Галерија: