Претходна статија
На втората фаза од проширувањето на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов ќе се работи летово
Следна статија
„Гранит“ ќе го реконструира булеварот Јане Сандански во Скопје

ФОТО ВЕСТ: Градилиштата во Скопје го уништуваат околниот простор наменет за граѓаните

Објавено на 11.06.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Ископани дупки во асфалтот, заборавен градежен шут надвор од градилиштето, расфрлани клинци на пешачки зони, непрописно оградени тротоари, неисчистена кал и прашина од градежните машини. Ова е само минијатурен сегмент од уништувањето на јавниот простор при изградбата на станбени згради, деловни објекти или трговски центри во главниот град. Желбата за инстантен профит на инвеститорите, преку јуришно подигање на објекти и сведување на трошоците на минимум, доведе до состојбата да се прекршуваат нормите и стандардите за градење, а пешаците и велосипедистите се изложуваат на разни видови опасност додека поминуваат покрај градилиштата.

 

####

 

 

Без разлика дали постои или пак отсуствува соодветна дозвола издадена од општините, јавниот простор подолг период се узурпира и оградува од страна на инвеститорите уште пред почетокот на градење на објектите. Ваквата негативна состојба е особено изразена во централното градско подрачје, во населбата Дебар Маало и на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од крстосницата со булевар „Климент Охридски“ до крстосницата со улицата „Рузвелтова“. Во одредени случаи пешачките патеки се уништуваат од машините што влегуваат во градилиштето, се трупаат со градежен шут или пак се рушат без притоа повторно да се санираат по завршувањето на објектот. Особено опасен е отпадот од градилиштата, најчесто составен од остатоци на бетон, арматура, клинци и останати метални предмети кои не се расчистуваат по завршувањето на градежните активности.

 

####

 

 

Уништувањето на асфалтот од улиците и плочките од пешачките зони претставува уште една типична карактеристика на градилиштата во Скопје. Дупките за приклучување на водовод и канализација, телефон и интернет или пак струја, наместо со асфалт или плочки, се покриваат со земја која со месеци потоа создава кал и прашина. Екипата на „Билд“ направи фото – сесија на само мал дел од објектите што во моментов се градат во центарот на Скопје. Дел од горенаведените „епитети“ се неодминлива карактеристика на огромен број градилишта во главниот град. Да се надеваме дека надлежните субјекти од синџирот: локална самоуправа – инвеститори – градежни компании – работници на терен, ќе успејат да смогнат сили за да реагираат во насока да се надмине уништувањето на јавниот простор.

 

####