Претходна статија
Изградбата на Античкиот театар ќе го уништи локалитетот Скупи
Следна статија
Ќе се реконструира покривот на Националната и универзитетска библиотека

ФОТО ВЕСТ: Фасадата е при крај, Градската куќа годинава ќе го добие и ентериерот

Објавено на 29.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градската куќа ја доби својата бела „неокласична“ фасада, а во текот на 2017 година ќе се работи на ентериерно уредување на идните административни простории на Градот Скопје. Во буџетот за 2017 година се предвидени 160 милиони денари за довршување на изведбените работи, но градските власти не се сигурни дали годинава ќе го пуштат во употреба самиот објект. Периодов градежните работи се сконцентрирани на довршување на фасадата, на која треба да се постави неизбежното осветлување како и во случаите на секој друг објект од проектот „Скопје 2014“. Градежниците работат и на сообраќајниот приод кон објектот, така што во моментов се изведува пристапната улица од страна на реката Вардар.

 

Според податоците од „Скопје 2014 под лупа“, во изградбата на Градската куќа досега се инвестирани 20,5 милиони евра. Канцеларискиот простор за градската администрација го изведува фирмата „Бетон“ од Скопје. Изградбата на објектот што го попречува погледот кон Скопското кале трае пет и пол години. „Неокласичното“ здание е високо 21 метар, со шест надземни и три подземни нивоа. Градбата ќе треба да прими 650 административци и да обезбеди подземен паркинг за 170 возила. Автори на проектот за овој објект се архитектите Иван Кокалановски и Борче Стојковски од „КАД Биро“.

 

На поставувањето на камен-темелникот на објектот на 3 јуни 2011 година, Градот Скопје информираше дека објектот ќе чини 15 милиони евра и ќе биде готов во рок од четири години од почетокот на градежните работи.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk