Претходна статија
И електропреносната мрежа на МЕПСО ќе се рехабилитира со кредит
Следна статија
Булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ се продолжува кон Бутел

ФОТО ВЕСТ: „Барокот“ надвисна над фасадите во центарот на Скопје

Објавено на 05.12.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Пластичната операција на зградите од улицата Никола Вапцаров е завршена. Градежните екипи во моментов го имаат главниот збор на оние фасади од објектите на улицата Димитрие Чуповски, со што речиси сиот строг центар на Скопје ќе биде прекриен од „архитектонскиот“ стил на „Скопје 2014“. Збирштина од решетки, „позлатени“ орнаменти, рефлектори, фасади во разни бои, доградби, стари прозорци и ролетни се крајниот резултат од проектот на Град Скопје. Во „барокизацијата“ е вклучена и една висококатница, додека сите објекти се делумно опфатени со санацијата, и тоа единствено на предната страна што гледа кон улиците.

 

###

###

###

###

 

 

Од задните страни на идентичните објекти не е променета сликата од пред неколку месеци. Фасадите се ронат, при што деловите што паѓаат претставуваат опасност за случајните минувачи. Во ниту еден случај не се применети мерките за енергетска ефикасност, со што станарите на овие згради нема да можат да очекуваат помали сметки за затоплување на своите домови. Истовремено, промената на прозорците и вратите од овие објекти не е дел од реконструктивниот зафат на Град Скопје.

 

###

###

 

 

Најголем дел од новите „барокни“ фасади се реализираат врз основа на идејни решенија на авторите Жарко Чаушевски и Звонко Ставрески, кои победија на архитектонските Конкурси што ги организираше градската власт. Проектот за промена на надворешниот изглед на објектите се спроведува со средства од буџетот на Град Скопје, а на терен работите ги изведуваат неколку градежни компании, меѓу кои и „Бауер БГ“ од Скопје, „Трансмет“ од Скопје, „Пелагонија“ од Гостивар, „Жикол“ од Струмица“ и „Урбан Инвест“ од Кавадарци.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk