Претходна статија
Ќе се реконструира и проширува скопската градинка „13-ти Ноември“
Следна статија
Во 2017 година Струмица ќе добие пречистителна станица

ФОТО ВЕСТ: „Барокниот“ објект за актерите доцни 20 месеци

Објавено на 23.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

И по речиси три и пол години од почетокот на изградбата на објектот на Факултетот за драмски уметности, младите актери сè уште посетуваат предавања во дотраените бараки во скопската населба Карпош 2. На милионското „барокно“ здание на Кејот на реката Вардар веќе неколку месеци ништо не се работи, иако може да се забележи дека фасадата е завршена. Она што доцни во моментов е последната фаза од реализацијата на проектот, односно завршување на изведбата и уредувањето на внатрешните простории.

 

Само за досегашните фази беа потрошени над 25,2 милиони евра, ако се земат во предвид објавените податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Објектот со приземје, 7 ката и поткровје има 19.134 метри квадратни. Процесот на изградба започна во април 2012 година, а првичното ветување беше дека реализацијата ќе финишира најдоцна до крајот на октомври 2013 година.

 

Покрај Факултетот за драмски уметности, во канцелариските простории од овој објект ќе се сместат и бројни државни институции. Во „барокното“ здание по теркот на владиниот проект „Скопје 2014“ во иднина ќе работат административците од Бирото за судско вештачење, Агенцијата за планирање на просторот, Државниот завод за индустриска сопственост, Националната агенција за европски образовни програми, Бирото за регионален развој, Дирекцијата за технолошки и индустриски зони, Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, Државниот девизен инспекторат, Дирекцијата за спречување на перење пари и дел од Управата за јавни приходи.

 

Идејното решение за оваа зграда го изработи архитектонското биро „Неимар инженеринг“. Во изведбата на првичните две фази од изградбата работеа компаниите „Бетон“ и „Гранит“ од Скопје. Фирмата „Нипром“ од Струмица беше задолжена за изработка и монтажа на фасадни портали, врати и прозорци. Надзорот над градежните работи го вршеше Градежниот институт „Македонија“.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

###

###

####

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски