Претходна статија
Општина Охрид ќе го менува ликот на градските плоштади
Следна статија
Мал интерес за понудените градежни парцели во Битола

ФОТО ВЕСТ: Актерите ќе почекаат на новиот факултет покрај Вардар

Објавено на 18.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По две и пол години активна изградба, новиот објект на Факултетот за драмски уметности и на неколку државни институции го добива својот финален изглед. Како втора етапа од остварувањето на проектот, периодов се работи на изведбата на барокната фасада на зданието, лоцирано на Кејот на реката Вардар. Градежните екипи на скопски „Бетон“ ја привршуваат реализацијата на замислениот надворешен лик на објектот, со што останува да се комплетира изведбата на внатрешните простории и нивното опремување. Во првичната фаза, компанијата „Гранит“ го издигна ова здание на ниво на карабина. За досегашниот дел од изградбата на овој објект се издвоени финансиски средства во висина преку 25,2 милиони евра, ако се земат во предвид објавените податоци на веб – страницата на Бирото за јавни набавки.

 

###

###

 

 

Засега не е познато кога ќе биде официјално пуштен во употреба овој објект, и покрај тоа што првичниот рок за неговото целосно завршување беше крајот на октомври минатата година. Дополнително треба да се спроведат тендери за ентериерното уредување на зградата, која е со површина од 19.134 метри квадратни. Од она што се знае, во административниот простор распространет на приземје, седум ката и поткровје ќе се сместат државните институции: Биро за судско вештачење, Агенција за планирање на просторот, Државен завод за индустриска сопственост, Национална агенција за европски образовни програми, Биро за регионален развој, Дирекција за технолошки и индустриски зони, Агенција за цивилна воздушна пловидба, Државен девизен инспекторат, Дирекција за спречување на перење пари, како и дел од Управата за јавни приходи.

 

Факултетот за драмски уметности ќе добие само дел од севкупните простории, со што оваа високообразовна установа ќе се исели од постоечките дотраени бараки во населбата Карпош 2. Изградбата на објектот во кој е планирано тие да се сместат започна во април 2012 година, врз основа на идејното решение на архитектонското биро „Неимар инженеринг“, изработено во духот на владиниот проект „Скопје 2014“.

 

 

Текст и фото: Бојан Блажевски