По втор пат годинава, ЕЛЕМ распиша оглас за пронаоѓање консултантска куќа што ќе ја изготви физибилити студијата за третата фаза од модернизацијата и ревитализацијата на РЕК „Битола“. Стратешкиот документ треба да изнајде модалитети за намалување на оксидите на сулфур и прашина што произлегуваат од согорувањето на јагленот во термоелектраната. Дури по изработката на физибилити студијата, ќе се пристапи на поставување на неопходната опрема за десулфуризација на излезните гасови од котлите на овој енергетски комбинат.
ЕЛЕМ очекува изработката на Студијата да чини околу 450.000 евра. Советодавните компании имаат рок до 29 јуни за да ги поднесат своите понуди за учество на објавениот оглас. Во согласност со изготвениот Инвестициски план на ЕЛЕМ за периодот до 2017 година, Студијата за десулфуризација на излезните гасови од котлите на битолската термоелектрана е изработена пред повеќе од три години.