Реконструкцијата на малото пристаниште во Охрид, на кое истовремено ќе се гради и угостителски објект, ќе му биде препуштена на приватен инвеститор. Пред да се додели атрактивниот простор на некој од заинтересираните субјекти, општина Охрид ќе изготви физибилити студија за оправданоста на доделување на договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство. За таа цел, денеска е распишан оглас за пронаоѓање на консултантска куќа што ќе го изработи документот, која истовремено ќе дава поддршка во текот на постапката за склучување на концесискиот договор. Советодавните фирми треба да ги достават своите понуди до 8 јуни.
* Малото пристаниште во Охрид
Врз основа на она што е веќе познато, идниот инвеститор ќе треба да го реконструира постоечкото мало пристаниште на брегот на езерото, кое е изградено во далечната 1959 година. Тој ќе добие право на истиот простор да изведе и угостителски објект, со кој ќе стопанисува извесен временски период. За преточување на планираниот проект во реалноста веќе е изработено идејно решение од страна на авторите Павлина и Андреј Бундоски и Васко Крстески.