Инвеститорот Кранфилд Фаундри ДООЕЛ од Скопје е заинтересиран за изградба на леарница за челик и производство на челични производи на локалитетот Неокази во Пробиштип. Новиот објект од тешката индустрија би се простирал на површина од околу шест хектари, а комплексот би се состоел од административна зграда, хала за топење на челик, машинско одделение, технолошка линија за леење и постројка за подготовка на песок за калапи. Во индустриските зданија со планирана површина од околу 15.000 метри квадратни е предвидено да се топи отпадно железо и челик во две индуктивни печки во халата за топење на челик. Инсталираниот капацитет на фабриката предвидува производство на околу 100.000 тони производи на годишно ниво.
Медиумите, ниту македонската јавност засега не се запознаени со инвеститорите во овој проект. Според информациите што ги објави порталот „Е-магазин“ на почетокот од мај годинава, Кранфилд Фаундри ДООЕЛ од Скопје е основана и вметната во Централниот регистар на Македонија на 5 мај 2014 година, со основачка главнина на друштвото од 100 илјади евра. Компанијата „Кранфилд Бизнис Груп Лимитед“ од Девствените острови е основач на македонската компанија што е заинтересирана за изградба на индустрискиот комплекс од тешката индустрија. За управител на фирмата е назначен Сергеј Кручинин од рускиот град Череповец. За само неколку месеци, новооснованата компанија доставила Известување за намера за спроведување на проектот до општина Пробиштип и до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од надлежното министерство во текот на вчерашниот ден го објавија „Решението за утврдување на потреба од оценка на влијанието врз животната средина“ за овој инвестициски проект. Ова практично значи дека компанијата ќе биде должна да ја изготви неопходната документација за да се утврди какво би било влијанието врз животната средина од евентуалната изградба на леарницата за челик и производство на челични производи. Инвеститорот тврди дека во идниот објект ќе се инсталира нова технологија во производството, која би имала минимално влијание врз животната средина.
Бојан Блажевски