Претходна статија
„Мултипром“ гради три нови погони во Општина Илинден
Следна статија
ТЕМА: Македонските пруги чекаат еден и пол век на електрификација

ФЕЉТОН: Урбанистичкото планирање на Скопје и политичката состојба во Полска во 60-тите години од минатиот век (3)

Објавено на 08.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Полскиот придонес во постземјотресната обнова на Скопје е цврсто втемелен на принципот на солидарност, којшто изникнал како од официјалниот дискурс на тогашната еднопартиска власт во НР Полска, така и од искрените чувства на полските граѓани. Споредбата на разурнувањето на Варшава за време на Втората светска војна од нацистичките окупатори со уништувањето на Скопје од земјотресот е присутна во објавените текстови во тогашните полски медиуми. Емпатијата кај полските граѓани за Скопје се раѓа токму од сеќавањата за уништената Варшава од 1944 година. Покрај ова, во медиумскиот дискурс може да се забележи чувството за благодарност на граѓаните од Варшава кон доброволците од Југославија, коишто дошле да помогнат во обновата на градот по крајот на Втората светска војна.

 

Овие две причини за брзата реакција на полското општество во однос на скопската катастрофа не избледнуваат до денешен ден. Станислав Фурман, еден од членовите на тимот од „Полсервис“ што учествувал во изработката на урбанистичката документација за Скопје, и по седум децении од повоената обнова на Варшава се присетува на придонесот даден од југословенските доброволци. „Работењето за урбанистичкото планирање на Скопје за мене и моите колеги беше, на некој начин, отплаќање на моралниот долг кон народот на Југославија“ посочува Станислав Фурман. Од денешна перспектива, за историчарите на уметност нема никаков сомнеж дека чувството на емпатија е најзначајната причина за помошта којашто од Полска пристигнала во Скопје. Алицја Гзовска вели дека поткрепата за Скопје ќе пристигнела до граѓаните на овој град, дури и во случај на понерешителна реакција од полските официјални власти.

 

Сепак, полската инволвираност во постземјотресната обнова на Скопје не треба да се ограничи единствено на овие два аспекта. Неизоставно е образложувањето и на останатите причини за брзата реакција – во случајот на Полска станува збор за две нивоа: на ниво на самата држава и на лично, индивидуално ниво. Станислав Фурман истакнува дека Југославија во периодот од 60 – тите години на дваесеттиот век се сметала за многу поотворена земја кон светот во споредба со Полска. „Јас мислам дека работењето на концепцијата за обнова на Скопје, која беше алтернативно решение на активностите што се одвиваа во Скопје, ни даде нам, Варшавските планери, чувство дека ние активно учествуваме во меѓународната помош што доаѓаше за градот од сите страни на светот. Тоа беше чувство за припадност кон една меѓународна иницијатива како дел од нешто многу важно“ нагласува Фурман.

 

Чувството за припадност кон светот, интересот за меѓународна соработка и размена на идеи, технологии и знаења, беше нешто ново за повоена Полска од 60 – тите години на минатиот век. Окована во прангите на сталинизмот, идејата за меѓународна соработка и размена на искуства би била невозможна само една деценија претходно во услови на владејачкиот тоталитарен режим. Строгата советска доминација над Полска во периодот од 50 – тите години на дваесеттиот век е пропратена со оформениот култ на личноста на Сталин, но и со наметнатиот соц – реализам како диригиран правец на квазитворештво што ги окупирал креативците од литературата и ликовната уметност па сѐ до оние од архитектурата и филмот.

 

Навраќањето кон модернизмот и можноста за промени, коишто сепак остануваат и понатаму контролирани од комунистичката власт во наредниот период, доаѓаат единствено по смртта на советскиот диктатор Сталин во 1953 година и стимулираното демонтирање на сталинистичките апаратчици низ земјите од Источниот блок. Полскиот сталинистички лидер Болеслав Бјерут е отстранет од власта по огромното незадоволство искажано од полските граѓани во 1956 година, по што тој заминува во Москва. На чело на Полска доаѓа Владислав Гомулка, кој и самиот за време на сталинистичкиот терор минува три години во затвор за „пројави на национализам“. По внатрешните промени што се одвивале во рамките на самата Полска обединета работничка партија (ПОРП), со доаѓањето на Гомулка започнуваат промени на сите нивоа во склоп на тогашниот државен систем.

 

Во овие услови, познатиот полски урбанист Адолф Циборовски доаѓа на позицијата главен архитект на Варшава во периодот од 1956 до 1964 година. Во книгата „Skopje Resurgent“, издадена од Обединетите нации, како и во многу написи објавени во македонскиот стручен и популарен печат, името на Адолф Циборовски се поврзува со позицијата на клучен играч во повоената обнова на Варшава. Полската историчарка на уметност Алицја Гзовска ја допрецизира неговата функција. Самиот Циборовски немал значајна улога во познатата обнова на Стариот град во Варшава, ниту пак бил вклучен во изградбата на некој друг сегмент од централното градско подрачје во овој временски период.

 

„Јас ја имам неговата биографија и во неа е запишано дека во периодот од март 1945 до септември 1946 година тој работел како проектант во Одделот за историска архитектура при Бирото за обнова на Варшава“ посочува Гзовска. Треба да се нагласи дека ова биро во тој период броело околу 1.400 млади луѓе, коишто заедно работеле на обновата на Стариот град. Првиот нацрт – план за Варшава по војната е подготвен во септември 1946 година, во периодот на консолидација на тоталитарниот режим во Полска. Самата обнова на Стариот град започнува две години подоцна. Овој историски кварт во Варшава останува важен приоритет за секоја наредна власт во Полска, поаѓајќи од силниот стремеж на самите граѓани да се обнови сето она што е уништено од нацистичките окупатори за време на Втората светска војна.

 

„Конзерваторите беа растрчани на сите страни, така што обновата на Стариот град започна дури во 1948 година и беше комплетирана до 1956 година“ нагласува Алицја Гзовска. Речиси истите луѓе што биле вклучени во реконструкцијата на историската архитектура подоцна биле префрлени на работа за завршување на МДМ комплексот во центарот на Варшава, којшто денес важи за симбол на соц – реалистичката архитектура, заедно со Палатата на културата и спортот. Извесни промени во курсот од соц – реализмот настануваат веќе во 1955 година, кога дел од зградите во фаза на реализација на улицата Маршалковска се ослободуваат од проектираните декоративни елементи на фасадите.

 

Адолф Циборовски во периодот од 1946 до 1948 година работел во пограничниот град Шчечин, каде што се запознава со уште еден познат полски урбанист – Пјотр Заремба. Позначајна функција во полскиот главен град стекнува во периодот од 1954 до 1956 година, кога постанува главен архитект во Комитетот за урбанистичко планирање и архитектура. Токму овие години го претставуваат залезот на соц – реализмот во Полска и раскинувањето со наметнатите преференции на сталинистичките раководители врз самите архитекти. Оттука, историските факти не можат да го посочат клучното влијание на урбанистот Адолф Циборовски врз обновата на Стариот град во Варшава во периодот по Втората светска војна. Значајната улога на Адолф Циборовски може да се согледа во изработката на долгорочниот план за развој на Варшава во текот на 60 – тите години од дваесеттиот век, подготвен во рамки на урбанистичкото биро на Варшава.

 

Она што е важно за овој познат полски урбанист е неговиот значаен придонес во создавањето можности за неговите колеги да заминат надвор од границите на Полска во периодот по сталинизмот. Заслуга за ова има соработката меѓу Адолф Циборовски и Пјотр Заремба, за кој, историчарката на уметност Алицја Гзовска посочува дека е можно да бил првиот полски урбанист што подолг период работел надвор од границите на Полска, по консолидацијата на сталинистичкиот режим. Пјотр Заремба најпрво отпатувал во Северна Кореја, каде што во 1953 година работел на урбанистичката документација за тамошните градови. Во подоцнежниот период, Заремба заминува во Виетнам и во редица на други социјалистички земји, каде што работи на тамошните урбанистички планови за градовите.

 

Веќе во 1966 година, Пјотр Заремба ќе го формира постдипломскиот курс за урбанистичко и регионално планирање за земјите во развој на Технолошкиот универзитет во Шчечин, посочуваат Пјотр Бујас и Алицја Гзовска во нивниот труд „New Agencies: Convergent Frameworks of Research and Architectural Design“. Соработката на Адолф Циборовски со Заремба ќе резултира со заедничко патување во Северна Кореја во текот на 1954 година, каде што ќе работат на задачи поврзани со урбанизмот. Според кажаното од Алицја Гзовска, Заремба и Циборовски се меѓу првите полски урбанисти што можат да отпатуваат и да работат во странство. Контактите со официјалните лица, заедно со вмрежувањето со стручњаците од странство, ќе му овозможат на Адолф Циборовски да се издигне во една од личностите во сферата на урбанизмот коишто ќе го предводат контролираното отворање на Полска кон светот.

 

Самиот Циборовски, во периодот од пред Студената војна, имал искуство со урбанистичкото планирање надвор од Полска. Тој работел како урбанист во уништениот германски град Хановер, за што има добиено и соодветна награда од Универзитетот во Хановер, во текот на 60 – тите години од дваесеттиот век. Контролираното отворање кон светот во ерата на владеењето на Владислав Гомулка му донесува огромни можности на Адолф Циборовски. Во тоа време, тој бил истакнат стручњак по урбанизам, близок до тогашниот режим и имал значајно искуство во работењето надвор од границите на Полска. Заедно со неговата комуникативност, амбициозност и унапредување на позицијата главен архитект на Варшава во 1956 година, Адолф Циборовски ја зазема позицијата, која е нескромно именувана како „вистинскиот човек на вистинското место“.

 

Полската програма за помош на Скопје е една од владините мисии во 60 – тите години од дваесеттиот век, во која биле вклучени стручњаци што имаат искуство со работењето во странство, држењето предавања и учеството на меѓународни конференции. Мациеј Циборовски, архитект – конзерватор и син на Адолф Циборовски, низ разговорот одржан во Варшава, ни посочи дека неговиот татко имал сенс за дипломатија, познавање на странски јазици и развиени комуникациски вештини. „Тој можеше лесно да се фокусира и немаше никаков проблем да разговара со значајни личности и со официјални лица“ посочува Мациеј Циборовски.

 

Историчарката на уметност Алицја Гзовска истакнува дека вакви професионалци, коишто имале контакти со странски колеги, им биле потребни на полските власти. „Кога ќе чуеле дека нешто се случило, тие веднаш меѓусебно контактирале во однос на тоа дали е потребна некаква помош и дали може Полска некако да помогне. Кога ќе добиеја позитивен одговор, тогаш тие ги контактираа полските власти. Најуспешни биле оние личности коишто ја имале способноста да ја претстават ситуацијата како многу поволна за Полска“ заклучува Алицја Гзовска.

 

Во случајот на скопскиот земјотрес, Адолф Циборовски успеал да ги убеди државните власти за важноста да му се помогне на разурнатиот град во делот на урбанизмот. Во иницирањето на идејата за помош, Циборовски зад себе го имал искуството на бројните полски стручњаци стекнато по Втората светска војна. „Ако постоеше можност за да се отпатува надвор и да се спротивстават методологиите на работа со многу драстични ситуации во кои треба да се реагира многу брзо, тоа е еден вид на состојба на којашто тие беа навикнати“ вели Гзовска. Стекнатото искуство од повоената обнова на Варшава и на неколку други полски градови им овозможило меѓународна репутација на полските урбанисти.

 

Непосредно пред земјотресот во Скопје, полските урбанисти успеале да издвојат значаен успех во ирачкиот главен град Багдад. Фирмата „Мјастопроект“ од Краков во 1962 година победува на меѓународниот тендер за изработка на Генерален план за Багдад. Лукаш Станек, критичар на архитектурата и виш предавач од Универзитетот во Манчестер, во својот труд „Miastoprojekt goes abroad: the transfer of architectural labor from socialist Poland to Iraq (1958-1989)“ нагласува дека полските урбанисти изработиле два урбанистички плана за Багдад во 1967 и во 1973 година.

 

„Циборовски беше првиот на којшто му пристапија од „Полсервис“ за да учествува на тендерот за Генералниот план за Багдад“ нагласува Лукаш Станек во објавениот труд. Станислав Јанковски, заедно со неговиот тим од Одделението за урбанизам на Варшава, во 1962 година ја подготвиле урбанистичката документација за ирачките градови Мосул, Басра и Кербала, по што Јанковски земал учество и во планирањето на самата престолнина. Резимирано во кратки црти, Адолф Циборовски и Станислав Јанковски, со своето стекнато искуство како професионалци, успеваат да се пробијат со својата работа во неколку социјалистички земји, вклучувајќи ја подоцна и Југославија.

 

Периодот на 60 – тите години од минатиот век не значи отворање на Полска кон светот единствено во сферата на урбанизмот. Полските архитекти веќе успеваат да се пробијат на меѓународните архитектонски конкурси, освојувајќи значајни награди и во земјите од Западниот блок. Полскиот документарист на архитектурата Тадеуш Баруцки кон средината на 60 – тите години од дваесеттиот век во стручното списание „Архитектура“ ги наведува дел од успесите на полската архитектонска фела на меѓународната сцена. Меѓу позначајните првонаградени трудови на полските автори се и: проектот за оперската зграда во Мадрид, Шпанија (1964), проектот за споменикот на Плаја Гирон во Куба (1963), проектот за универзитетскиот кварт во Даблин, Ирска (1964) и проектот за населбата Трончето во италијанскиот град Венеција (1964).

 

*Краток приказ на наградените автори од Полска на меѓународни конкурси од крајот на 50 – тите и почетокот на 60 – тите години од дваесеттиот век, Тадеуш Баруцки во списанието „Архитектура“; Фото: Бојан Блажевски.

 

Оттука, кога говориме за полскиот придонес во постземјотресната обнова на Скопје е неизоставно да се спомене дека помошта во македонската метропола доаѓа во едно време на значајни успеси на полската архитектура и урбанизам на меѓународната сцена. Постепеното и контролирано отворање на Полска кон светот се реализира, меѓу другото, и со оние полски стручњаци што директно биле вклучени во изработката на урбанистичката документација за Скопје.

 

 

(Во наредното продолжение: „Земјотресот во Скопје се совпаднал со почетокот на работата на полските извозни претпријатија“)

 

 

Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.