Сликите од разурнатото Скопје по земјотресот од 26 јули 1963 година ја вознемириле јавноста во Полска. Медиумскиот дискурс проткаен низ текстовите објавени во полскиот печат е – наша должност е да им помогнеме на граѓаните од Скопје. Во деновите по земјотресот, од оваа земја полетува првиот транспортен авион со неопходната помош – лекови, санитетски материјал, облека и донации во крв. Варшавското списание „Столица“ кон средината на август 1963 година објавува текст за испратената првична помош во разурнатото Скопје. „Едни од првите коишто побрзаа да ѝ помогнат на разурнатата Варшава беа Југословените. Нивните младински бригади работеа во уништениот град во 1946 – 1947 година. Во моментов пак, ние се брзаме да им помогнеме на луѓето во разурнатото од земјотрес Скопје“ се вели во објавениот текст.
Веднаш по земјотресот, Владата на НР Полска формирала посебен комитет задолжен за реализација на Програмата за помош на Скопје. Со овој комитет за справување со полската помош претседавал министерот Казимиерц Секомски. Станислав Јанковски, во својство на предводник на тимот од Полска што работел на изготвувањето на Генералниот урбанистички план за Скопје, уште во 1967 година ги објаснил почетните чекори преземени од самото полско општество за помош на Скопје. „Во рамките на 20 часа по катастрофата, од Варшава за Југославија полета првиот полски авион, носејќи трансфузија на крв и најитно потребни лекови“ нагласува Јанковски во трудот „Plan ogólny Skopje“ објавен во стручното списание за урбанизам „Мјасто“.
*Варшавското списание „Столица“ за помошта испратена во Скопје по земјотресот од 1963 година; Фото: Бојан Блажевски.
Едно од септемвриските изданија на списанието „Столица“ во рубриката „Наш календар“ ја донесува веста за заминување во разрушеното Скопје на четиричлена група полски стручњаци предводена од Адолф Циборовски, главен архитект на Варшава. Првата средба со тогашниот градоначалник на Скопје, Благоја Попов се одржала во еден од поставените шатори во главниот град. Станислав Јанковски во својот труд се присетува на првичните барања на скопските власти околу помошта што би можела да ја испрати НР Полска за македонската метропола. „Утврдена е итна потреба за доставување на градежни материјали, а полската страна бесплатно да монтира во месноста Тафталиџе префабрикувани монтажни бунгалови и да помогне ако е потребна било каква помош за проектирање. Уште при првата средба со градоначалникот Попов е констатирано дека искуството од реконструкцијата на Варшава по Втората светска војна може да биде од особена корист“ посочува Станислав Јанковски.
За жал, ниту еден од членовите на првиот полски тим испратен во Скопје веднаш по земјотресот денеска не е жив за изворно да ни го раскаже нивното искуство со разрушениот град во првите моменти по земјотресот. Самата идеја за помош со сугестии и совети во проектирањето на разурнатото Скопје потекнува од Бирото за повоена обнова на Варшава, од каде што доаѓа и на нам познатиот Адолф Циборовски. Доцната варшавска пролет од оваа 2017 година ја искористивме за средба со неговиот син Мациеј Циборовски, кој по професија е архитект и конзерватор. Тој не можеше прецизно да ни потврди дали идејата за помош во проектирањето како првична поткрепа на Скопје потекнува од самиот Адолф Циборовски, или, пак, од некој друг урбанист од ова биро. Она што е значајно за да се напомене е дека Адолф Циборовски, во својство на главен архитект на Варшава, раководи со покренатата иницијатива во деновите по земјотресот.
На овој факт се присетува сообраќајниот инженер Станислав Фурман, кој како член на тимот од „Полсервис“ подоцна ќе учествува во наредната фаза од изработката на урбанистичката документација за Скопје. „Оваа иницијатива на Циборовски беше одобрена од Полскиот владин комитет задолжен за реализација на Програмата за помош на Скопје. Истата беше добредојдена од властите во Скопје“ нагласува Станислав Фурман низ разговорот што го реализиравме во Варшава во текот на мај 2017 година.
Полската историчарка на уметност Александра Кеџиорек во нејзиниот труд „The Museum of Modern Art in Skopje and the Potentiality of an exhibition space“ ги набројува резултатите од помошта на Полска за македонскиот главен град. Полската Влада по земјотресот го донирала објектот на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, проектиран од познатиот полски архитект на Модерната – Јан Жданович. Вредни донации од Полска за обновата на Скопје по земјотресот се и проектот за изградба на Музејот на современа уметност на Скопското Кале, но и првичниот концепт – студија за изработка на нов урбанистички план за Скопје подготвен од Бирото за обнова на Варшава. За сместување на жителите без покрив над глава од полската Влада се донирани 30 индивидуални куќи. Книгата „Скопје – град на солидарноста“ пак посочува дека Полска за граѓаните на главниот град донирала 60 станови од вкупно 914 вакви домови што пристигнале од различни страни на светот.
Како и да е, не е доволно таксативното, голо набројување на доделените донации. Најзначајно е да се разбере временскиот период во кој се испратени овие донации, но и нивното исклучително значење за севкупниот развој на разурнатиот град во годините по земјотресот. Архитектот Лукаш Галусек во кварталното списание „Херито“ го објавува неговиот труд „Skopje – an Unfinished City of Solidarity“. Во него, тој ги потврдува пишувањата на полскиот печат во 60 – тите години од дваесеттиот век за брзата реакција на Полска во однос на испратената помош за идно проектирање на главниот град. „Нецели три недели по трагедијата, властите на Варшава – како гест на разбирање за градот, којшто бил целосно уништен исто како и полската престолнина – изразиле подготвеност да испратат во Македонија проектантски тим, што би можел да им помогне на локалните специјалисти во подготовката на проектот за реконструкција“ наведува Лукаш Галусек во објавениот труд од 2015 година.
Подготовките за изработка на новиот Генерален план за град Скопје започнуваат веднаш по скопскиот земјотрес. Степенот на разрушеност на самиот град не дозволувал ниту да се помисли на навраќање кон сето она што е изработено како урбанистичко – планска документација од пред земјотресот. Според книгата „Skopje Resurgent: The Story of a United Nations Special Fund Town Planning Project“, плановите за постземјотресна обнова на Скопје започнуваат 10 дена по земјотресот, заедно со пристигнувањето на првите монтажни објекти како донација од Југославија и од останатите земји. За само неколку месеци никнаа 18 нови населби во Скопје. Во делот на изработката на првичните концепти за идниот Генерален план, на него првенствено работеле два тима.
„Обединетите нации (ОН) во раната фаза го назначија господинот Џорџ Неж од САД за координатор на меѓународните активности за планирањето, којшто требаше да работи со локално назначениот генерален директор за реконструкција и развој, г – дин Коле Јордановски. Исто така, „Доксијадис Асошиејтс“, познатата атинска фирма за консултанти во планирањето и екистиката, беше избрана да работи со скопскиот Институт за урбанистичко планирање и архитектура за подготовка на новиот прелиминарен план“ се наведува во книгата „Skopje Resurgent“.
Паралелно со овој грчко – југословенски тим, во Варшава се изготвува посебна концепт – студија за идниот Генерален план за град Скопје. Станислав Јанковски во напишаната рекапитулација на сработеното посочува дека во Одделението за урбанизам на Градот Варшава бил оформен тимот „Скопје“, во кој главни проектанти биле Станислав Јанковски – раководител на тимот, Богдан Јастребски, Марија Редзиејовска, Војчех Сухоржевски и Јулиуш Вилски. „Во април 1964 година, скопските власти предложија во рамките на помошта од Полска да се изработи концептуален проект за Генералниот план за Скопје како алтернатива на студијата, којашто Обединетите нации веќе им ја доделија на грчко – југословенскиот тим во Скопје“ наведува Јанковски во трудот објавен во „Мјасто“ од 1967 година.
Концептот подготвен од варшавскиот тим ја вклучува територијата на Скопје од пред земјотресот, земајќи ги во предвид неоштетените зданија во градот, но и дава можност за припојување на оформените сателитски населби од монтажни објекти кон самиот град. Новинарот Вјеслав Грушецки, во еден од броевите на списанието „Столица“ од есента 1963 година, објавува репортажа од разурнатото Скопје: „Како што знаете, по дискусиите и размислувањето, донесена е одлука да се обнови, или подобро кажано, да се изгради ново Скопје на постојната локација“.
*Репортажата на Вјеслав Грушецки во варшавското списание „Мјасто“ од есента 1963 година; Фото: Бојан Блажевски.
Станислав Јанковски го објаснува сработеното од варшавските урбанисти на краток и концизен начин: „Тимот од Варшава подготви шема за проектантски активности поделена во три фази, заснована на предлогот за обнова на Скопје како град со планирано население од 350.000 жители во 1981 година“. Во книгата „Skopje Resurgent“ на Обединетите нации се оддава простор за значајната помош во проектирањето дадена од страна на тимот „Скопје“ од Варшава, којашто била високо вреднувана при крајната евалуација на двата плана. Во книгата се наведува дека основното внимание на Полјаците било насочено кон потребата за натамошен развој на новоформираните населби во балансирани и функционално организирани населби што би се интегрирале во просторната организација на Скопје како една целина. Изработениот концепт за проширување на градот од страна на тимот од Варшава бил завршен во јуни 1964 година.
„Двата проекта за идниот Генерален план за Скопје, грчко – југословенскиот и полскиот, беа претставени пред полските власти и пред Меѓународниот советодавен совет на ООН во јули 1964 година. Главните наоди од полскиот проект беа земени во предвид во финалната верзија“ се присетува Станислав Јанковски во неговиот труд. Огромниот напор и знаење вложен од варшавскиот тим вродиле со плод. Обединетите нации им ветиле на Полјаците дека ќе бидат најпрво поканети во следната фаза од распишувањето на Меѓународниот тендер за изработка на Генералниот план за Скопје. Овој успех, произлезен од донацијата на Полска за Скопје, ги израдувал полските стручњаци.
„Бевме навистина горди кога Специјалниот фонд на ООН кон средината на 1964 година објави дека нашиот труд бил високо вреднуван од Меѓународниот советодавен одбор и од властите во Југославија и во Скопје до тој степен што веќе зададената задача на „Доксијадис“ беше поделена на „Полсервис“ и „Доксијадис“. Ние бевме задолжени за изработка на најважниот сегмент од планирањето. Јас бев многу среќен поради тоа, особено поради фактот што не бев дел од тимот којшто работеше на концептот за Скопје во Варшава“ се присетува Станислав Фурман низ разговорот со нас.
За изработената концепт – студија за натамошен развој на Скопје биле високо вреднувани членовите од Одделението за урбанизам на Варшава, но притоа Обединетите нации не го заборавиле најзаслужниот за иницирањето на помошта за Скопје. За раководењето на полскиот тим и за иницирањето на идејата за помош на Скопје во делот на урбанизмот, Адолф Циборовски бил соодветно вреднуван од Обединетите нации. Тој беше поставен за проект менаџер на Обединетите нации при изработката на идниот Генерален урбанистички план за Скопје и останатата урбанистичка документација во периодот од 1964 до 1966 година. Мациеј Циборовски, син на покојниот Адолф Циборовски, низ разговор ни ја објаснува улогата на неговиот татко во обновата на Скопје по земјотресот.
„Улогата на татко ми како проект менаџер погледнато од аспект на Обединетите нации беше да ги координира сите меѓународни тимови што беа инволвирани во обновата – специјалисти, стручњаци, особено урбанисти“ посочува Мациеј Циборовски. Полска успеала да прокнижи меѓународен успех со реализираната донација за Скопје по земјотресот. Вклучувањето на полскиот тим во рамките на меѓународната иницијатива за обнова на Скопје ќе значи отворање на нови перспективи за многу полски стручњаци надвор од границите на оваа земја.
Обединетите нации не се обиделе да ги сокријат пофалбите за сработеното од полскиот тим. Заедно со основните елементи на концептот, коишто предвидувале умерен развој на самиот град до бројка на население од 350.000 жители во периодот до 1981 година, на ООН им се допаднале два аспекта на полскиот придонес за Скопје. Како прво, изработениот концепт бил донација за разурнатото Скопје поттикната од чувството за солидарност со неговите жители во искусената несреќа. Но и истовремено, Обединетите нации верувале дека Одделението за урбанизам во Варшава имало огромно искуство од повоената реконструкција на полскиот главен град, којашто можело како никој друг да ја пренесе во рамките на постземјотресната обнова на Скопје. Се чини дека токму ова се главните причини за клучното влијание што ќе го има полскиот тим во изготвувањето на урбанистичката документација, врз чија основа е обновена македонската метропола по земјотресот.
(Во наредното продолжение: „Урбанистичкото планирање на Скопје и политичката состојба во Полска во 60 – тите години од минатиот век“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.