Скопскиот земјотрес од 1963 година нанел огромни штети на тогашните индустриски капацитети во градот, коишто биле ставени во второстепен план во очите на целокупната јавност пред огромната бројка на загинати и повредени жители. Веднаш по земјотресот, тогашната власт започнала со оформувањето приоритети што би се постигнале со постземјотресната обнова на градот. Паралелно со изградбата на привремени живеалишта, државните власти се обиделе во најкус можен рок да ги санираат фабричките погони и да ја надоместат штетата од прекинот на индустриското производство. И по првичниот период од обновата на градот, индустрискиот развој и изградбата на нови живеалишта за населението останале врвен приоритет за официјалните власти.
„Но, зошто толку многу зборуваме за индустријата? Поради тоа што говориме за средината на 60 – тите години од минатиот век. Централна и Источна Европа во тоа време размислуваше за брза индустријализација, а не за постиндустриската етапа, во која навлеговме на преминот од вториот кон третиот милениум“ ни објаснува сообраќајниот инженер Станислав Фурман. Тој, заедно со уште шест стручњаци од Полска, бил вклучен во изработката на Планот за источната индустриска зона во Скопје. Лидер на полскиот тим бил архитектот Богдан Випорек, додека од југословенска страна во оваа задача учествувал осумчлен тим, предводен од архитектот Тихомир Арсовски. Уште при изработката на Генералниот план за град Скопје, одлучено било да се оформат три главни индустриски зони во градот: западната индустриска зона – првенствено наменета за лесната и незагадувачка индустрија и источната индустриска област – поделена на источна индустриска зона и на јужна индустриска зона.
Планот за источната индустриска зона, заедно со планот за приградската зона на Скопје, биле предложени за изработка по одржувањето на Петтата сесија на Меѓународниот советодавен одбор, одржана во ноември 1965 година. „Јас работев во Скопје од 21.2.1966 до 7.7.1966 година, изготвувајќи го Деталниот план за источната индустриска зона. Сето ова време живеев во Скопје“ ни раскажува архитектот Богдан Випорек. Сеќавањата од петмесечната работа во Скопје не избледнеле до денешен ден. Випорек посочува дека урбанистичката документација за источната индустриска област била заснована на широк опсег на студии за инфраструктурата, транспортниот систем, функционалната структура и други документи, за чија подготовка тој бил ангажиран во својство на раководител на тимот за планирање и главен планер на источната индустриска зона.
*Определувањето на намената на земјиштето во Скопје врз основа на анализа објавена во трудот „Генералниот план за Скопје“ на Станислав Јанковски, списание „Мјасто“, 1967 година; Фото, обработка: Бојан Блажевски.
Архитектот Богдан Випорек пристигнал во Скопје директно од Одделението за урбанистичко планирање на Варшава, од каде што потекнувале и најголемиот дел од останатите професионалци ангажирани во Скопје. Пред прифаќањето на работните обврски во македонскиот главен град, тој бил ангажиран цели четири години во урбанистичкото планирање на поголема област во Варшава, којашто ја вклучувала и индустриската зона Зеран. „Според принципот донесен на почетокот од работењето во Скопје, секој проект беше заеднички подготвуван од тим на македонски и полски урбанисти. Ова им овозможи на македонските урбанисти директен пренос на нашето искуство од Варшава во секоја фаза од студиската и проектантската работа“ наведува Богдан Випорек во неговата книга „Далеку од Варшава: Архитектонски записи од три континенти“.
По изработката на предвидената документација, архитектот Јулиуш Вилски го подготвил стручниот труд „Нацрт – детален план за индустриската зона“ за специјалниот број на полското списание „Мјасто“ од 1967 година. Вилски во овој текст ја исцртува територијата на оваа индустриска зона, којашто се граничела на југ со станбените населби во месноста Аеродром и самиот брег на реката Вардар. Притоа, новоизградените населби во сегашната општина Аеродром биле наменети првенствено за работничката класа, којашто би живеела во непосредна близина на фабричките погони. Врз основа на изготвената документација од полските урбанисти, огромен број станбени објекти се сместени помеѓу источната индустриска зона („Алкалоид“, „Европа“, ФАС „11 Октомври“, Скопска пивара и останатите фабрики) и јужната индустриска зона („Охис“, „Стаклара“ и останатите индустриски објекти).
Мациеј Циборовски, архитект и син на Адолф Циборовски, посочува дека самата подготовка на Генералниот урбанистички план за град Скопје бил под силно влијание на социјалистичкото урбанистичко планирање. „Концептот велеше дека работничката класа требало да патува максимум 45 минути од нивните домови до работните места“ објаснува Мациеј Циборовски. Ова е основата на којашто почивале одлуките за непосредното растојание на индустриските објекти и станбените згради. „Најголем дел од вработеноста во индустријата требаше да се најде во источниот дел на Скопје – Железара и на југ – хемиската индустрија“ истакнува Станислав Фурман, кој како сообраќаен инженер бил вклучен во изработката на Планот за источната индустриска зона.
Овде треба да се напомене дека самата железарница во Скопје, како и голем дел од останатите индустриски објекти околу неа, веќе биле изградени пред земјотресот. Задачата на тимовите од Полска и од Југославија била да се оствари континуитет во индустрискиот развој пред и по земјотресот. Тогашните одлуки во однос на урбанистичкото планирање биле насочени кон задоволување на човековите потреби, и тоа во комбинација со индустријализацијата. „Убеден сум дека нашите планови создадоа вистински шанси за реконструкција на уништените градски структури и за соодветна избалансираност во понатамошниот развој на Скопје. Меѓутоа, мора да се запамети дека перспективата на нашите планови досегнуваше до 1981 година – сето она што се случи потоа е сосема поинаква приказна“ ни раскажува архитектот Богдан Випорек.
Самото барање за натамошна помош од ангажираните тимови на Полска („Полсервис“) и Грција („Доксијадис“) е испратено од страна на југословенските власти. По одобрувањето од Обединетите нации, тимот за изработка на Планот за источната индустриска област заминува од Полска за Скопје. Проектирањето на овој урбанистички план е дел од подготовката на документацијата за 11 реони на Скопје – девет станбени области и селски населби, источната индустриска област и делот на Јадранската магистрала што минувала низ Скопје, се наведува во книгата „Skopje Resurgent“. Во продолжение на текстот од оваа публикација се вели: „Последната задача за урбанистичко планирање – којашто се однесуваше на подготовка на деталните планови за конкретни елементи на градот – беше завршена во септември 1966 година“. Притоа, урбанистичките планови за овие делови на Скопје биле засновани на веќе усвоениот Генерален урбанистички план на Град Скопје и останатата документација изготвена во претходните фази.
Полските експерти посочуваат дека стремежот за индустријализација не е единствениот приоритет што ја придвижувал подготовката на урбанистичката документација за градот. Опасноста од нови катастрофални земјотреси, заедно со можните последици што тие би ги предизвикале, довела до размислување за дисперзирање на поголемите индустриски капацитети на различни локации. Спецификите на главниот град како сеизмички активно подрачје морало да бидат земени во предвид при изработката на сите планови.
„Основниот принцип за обликување на градот на сеизмички активно подрачје беше задржан. Ова дефинитивно е една од главните вредности што останаа откако татко ми го презентираше планот“ вели Мациеј, синот на Адолф Циборовски. Следствено на ова, изработката на Планот за источната индустриска зона се раководела од сето она што претходно било усогласено од врвните меѓународни експерти по сеизмологија и урбанизам. За на крај, би требало да се нагласи дека оваа индустриска зона во Скопје, со целосната планска документација и оформена инфраструктура, до денешен ден останува еден од главните двигатели на македонската економија.
(Во наредното продолжение: „Социолошкото истражување по земјотресот – приказна за тоа како е спроведена првата анкета во Македонија“)
Фељтонот за инволвираноста на Полска во постземјотресната обнова на Скопје е резултат на спроведеното истражување во Република Полска, коешто се реализираше со несебична помош на Меѓународниот културен центар од Краков и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска. Авторот Бојан Блажевски беше овогодишен стипендист на стипендијата Thesaurus Poloniae.