Пет и пол децении по скопскиот земјотрес, во населбата Маџир Маало почна да се гради фекална и атмосферска канализација. Општина Центар ја заврши изградбата на улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“, со која за прв пат се постави фекален колектор и канализација во должина од 650 метри. Во изминативе месеци беше поставен нов асфалтен слој и беше оформена пешачка патека долж целата улица, информираат од општина Центар. Со зафатот се изврши и приклучување на фекалната канализација од Маџар Маало со постојната мрежа во општина Аеродром.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ најави дека во 2019 година ќе биде извршена целосна реконструкција на улиците „Петричка“ и „Велешка“ во Маџир Маало, со што ќе се изврши проширување на неопходната подземна инфраструктура во оваа населба. Овој дел од центарот на Скопје со години наназад се соочува со проблемот на недостиг на основната инфраструктура, а притоа, тој уште повеќе се влоши со изградбата на десетина станбени згради на просторот околу Народната банка.