Претходна статија
Францускиот амбасадор ќе ја посети салата „Партизан“ - објект дониран од Франција по земјотресот
Следна статија
Со средствата од ИПАРД ќе се градат фотоволтаици и сместувачки капацитети во македонските села

Фабриките од индустриската зона Визбегово го чекаат ветениот водовод

Објавено на 05.02.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Ќе пристигне ли вода за пиење во индустриската зона Визбегово во 2019 година? Како и низа години претходно, ова прашање си го поставуваат стопанствениците што имаат свои објекти во скопската индустриска зона Визбегово. И покрај тоа што беше ветено дека проектот ќе започне лани, Министерството за транспорт и врски пред неколку недели ја поништи постапката за избор на изведувач што требаше да ги гради неопходните цевководи во должина од 7,3 километри, кои треба да овозможат приклучување на овие индустриски објекти кон скопската водоводна мрежа.

 

 

Од надлежното министерство деновиве повторно распишаа нов тендер за пронаоѓање компанија што ќе ја гради водоводната инфраструктура во Визбегово. Од државниот буџет за оваа намена се предвидени финансиски средства од 117 милиони денари, при што рокот за изведба на водоводот изнесува 9 месеци. Градежните компании имаат можност до 26 февруари да ги достават понудите за учество во тендерската постапка. Доколку се почитуваат зададените рокови и успешно се спроведе актуелниот тендер, тогаш индустриската зона во Визбегово веќе на крајот од 2019 година би можела да ја добие неопходната водоводна мрежа.

 

Од македонската влада веќе ветија дека на оваа локација треба да се гради и канализациона мрежа, но за нејзина реализација треба допрва да се објави оглас за избор на изведувач на градежните работи.