Трансформирана во компанија со напредна технологија, фабриката Карпош прослави 65 години од своето основање. Фабриката којашто започна со производство на цевки и рабници, денес има повеќе од 200 вработени и израсна во водечка компанија во Македонија за производство на монтажни елементи за градежната индустрија која бележи успеси и на пазарите во Бугарија, Србија, Албанија и Косово. Неодамна фабриката ја прошири својата дејност со нов погон за производство на прагови за современи железници, а во функција на поголем квалитет, создаде лабораторија за испитување на сите производи според ИСО стандардите. Во последните години фабрика Карпош има изградено значителен број на далноводи, пешачки патеки, изведена канализација, изградба на улици и патишта, високи згради и деловни објекти.
„Да се биде сведок на историја и да се биде дел на денешницата кога нашите проекти се бројни низ целата држава зборува дека сме поставиле високи цели и дека сме ги достигнале. Фабрика Карпош и понатаму работи на проширување на своето портфолио со секојдневно вложување во иновативност, професионалност, стратешки партнерства и унапредување на квалитетот. Со овие вредности во нашата работа иднината е извесна и успешна“, изјави на прославата Кире Стефанов, Претседател на Надзорниот одбор на компанијата.