Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ ќе гради фабрика за изработка на кабелски инсталации за автомобили во индустриската зона „Жабени“ во Битола. Во присуство на премиерот Никола Груевски, договорот за реализирање на инвестицијата денеска беше потпишан во владата од страна на министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и претставниците на компанијата Волфганг Тупи и Сами Загуани. Според плановите на германските инвеститори, во новата фабрика во Битола ќе се инвестираат 20 милиони евра, а изградбата на индустрискиот објект се очекува да заврши во третиот квартал од 2012 година.
На крајот од август годинава, компанијата „Кромберг и Шуберт“ го доби одобрението за изградба на фабриката од страна на општина Битола. Германскиот инвеститор купи околу 25.000 метри квадратни градежно земјиште во индустриската зона „Жабени“ на кое ќе ја изгради фабриката. Новиот индустриски објект ќе вработи 400 лица на почетокот од инвестицијата, чија реализација во крајната фаза би резултирала со 2.000 вработени. Индустриската зона „Жабени“ ќе го добие првиот поголем фабрички капацитет со реализацијата на предвидениот проект од страна на „Кромберг и Шуберт“.
Бојан Блажевски