Опаднала добивката на Фабрика „Карпош“ ад – Скопје од севкупното работењето во текот на 2017 година. Според објавениот неревидиран и неконсолидиран извештај, оваа компанија од градежниот сектор лани остварила добивка од 12.451.000 денари, што е за речиси половина помалку во споредба со 2016 година. Приходите од продажбата во периодот јануари – декември 2017 година се намалиле на 588.064.000 денари, иако е остварен пробив на странските пазари во текот на минатата година. Трошоците на продадените производи и услуги се намалиле на 344.177.000 денари.
*Завршени објекти од идната населба Александрија во општина Ѓорче Петров
Во делот на приходите од продажба, најголем раст има кај промени на залихите на готови производи и производство во тек, коишто во изминатите 12 месеци од ланската година се искачиле на 215.980.000 денари. „Порастот на залихата на недовршеното производство во однос на претходната година не се однесува на залиха од планско производство туку од недовршено производство од станбениот комплекс Александрија – како клучен бизнис и проект за изградба на станови кои ги гради Фабрика Карпош ад – Скопје, која се јавува и како инвеститор и како изведувач во проектот“ се наведува во образложението објавено од оваа компанија.