Зголемување на залихите на готови производи и намалување на севкупната добивка од работењето во првите девет месеци од 2017 година за скопската фабрика Карпош АД. Сеопфатната добивка на компанијата била заокружена на 11.441.000 денари, што е речиси една петтина од остварената добивка во идентичниот период од 2016 година. Компанијата во изминативе девет месеци забележала приходи од 357.178.000 денари од работењето на домашниот пазар, покажуваат податоците од неревидираниот и неконсолидиран извештај објавен на веб-страницата на Македонска берза.
Истовремено, залихите на готови производи и производство во тек се зголемила за речиси 2,5 пати во споредба со периодот јануари-септември 2016 година. Од Карпош АД од Скопје објаснуваат дека ваквиот финансиски резултат се должи на изведбата на комплексот „Александрија“ во скопската општина Ѓорче Петров. „Зголемувањето на залихата на тековната во однос на претходната година не се однесува на залиха од планско производство туку од недовршено производство – или производство во тек од станбен комплекс Александрија – проект за изградба на станови кои ги гради Фабрика Карпош АД Скопје, која се јавува и како инвеститор и како изведувач во проектот“ се наведува во образложението. Со издавањето на фактурите за становите, од компанијата очекуваат да се зголеми нивниот приход.