Европската унија преку Програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст им додели нови 50 милиони евра за финансирање на енергетски проекти на земјите од Западен Балкан. Договорите за финансирање денеска беа потпишани во Скопје, по одржаниот Министерски состанок на земјите од регионот. Параф за финансирање на енергетските проекти ставија претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и банкарскиот концерн KfW. На свеченоста присуствуваше и еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Еврокомесарот Хан потенцираше дека земјите од Западен Балкан со дополнителните финансиски средства ќе може да постигнат 1,6 тера-часови електрична енергија годишно во наредниот период. „Со овие активности можеме да заштедиме една третина од потрошувачката на Албанија годишно, може да се намали емисијата на штетни гасови на годишно ниво во голема мерка, што би значело на пример една година да не се возат автомобили во Црна Гора“ изјави Јоханес Хан.
Во рамките на Министерскиот совет, денес во Скопје беше ставен акцент на сесијата на министрите за енергетика за реформите во секторот енергетика согласно со зададените цели од т.н. Берлински процес.