Постои ли можност Македонија, заедно со останатите земји од западниот Балкан, да се претвори во „слепо црево“ на Европскиот континент? Ваквото прашање се поставува по објавувањето на најновата инфраструктурна политика на Европската унија, во која е зацртано идното вложување во коридорите што минуваат низ територијата на нејзините земји-членки. Европската комисија пред неколку дена преку соопштение ја објасни новата инфраструктурна политика на ЕУ за периодот од 2014 до 2020.
Приоритет во инвестирањето и протежирањето од страна на ЕУ во наредните шест години ќе добие Источномедитеранскиот коридор, кој минува преку Романија и Бугарија кон Грција, Турција и Кипар. Оваа траса е еден од деветте главни коридори што ќе ја претставуваат сржта на единствената трансевропска транспортна мрежа (TEN-T), која треба да ги поврзе расцепканите автопати, железнички пруги, аеродроми и канали на тлото на Европската унија. Овој потег претставува најголемо реорганизирање на европската инфраструктурна политика од 1980 година и за нејзината реализација е предвидено да се вложат 26 милијарди евра во периодот од 2014 до 2020 година. Врз основа на овој документ, ЕУ во наредниот период ќе ги вложи своите средства во изградба на инфраструктурата на Балканскиот полуостров.
Меѓу 30-те приоритерни европски проекти за инвестирање, фигурира изградбата на автопатската врска од грчките пристаништа Игуменица и Патра преку Солун, Софија и Темишвар до Будимпешта. Токму реализацијата на овој автопат од паневропскиот Коридор 4 е директна конкуренција на Коридорот 10 што минува низ Македонија. Покрај изградбата на автопатот, во приоритетната листа на ЕУ е и довршувањето на железничката пруга на потегот Атина – Софија – Будимпешта – Виена – Прага – Нинберг/Дрезден. Оваа траса е директна конкуренција на пругата од Коридорот 10 што минува низ нашата земја. Од вкупно девет зацртани коридори од страна на ЕУ, два коридори ќе ја поврзуваат северна и јужна Европа, три коридори ќе ги поврзуваат источните и западните земји-членки, додека четири се замислени како дијагонални коридори.
Новата европска транспортна мрежа ќе обезбеди побезбеден и побрз превоз на патници и стока на континентот. Оваа мрежа треба да биде комплетирана до 2030 година, и како никогаш до сега треба да го обедини авиосообраќајот со патната и железничката инфраструктура, кои треба да обезбедат компактност со речниот и со поморскиот транспорт. Идната инфраструктура треба да поврзе 94 европски пристаништа со патни и железнички врски, 38 главни аеродроми со железничка врска кон големите градови, надградба на 15.000 километри железничка инфраструктура во брзи пруги и 35 прекугранични проекти за отстранување на постоечките „тесни грла“. За жал, ниту една земја од западен Балкан нема да може да ги искуси ваквите придобивки, освен Србија, која иако не е членка на ЕУ, низ неа би требало да минува дел коридорот Рајна-Дунав.
TEN-T коридорите на ЕУ неусогласени со Паневропските коридори во Централна и Источна Европа
Изземањето на Македонија од инфраструктурната политика на земјите-членки на ЕУ може да доведе до изолација на земјава. Следејќи ги своите приоритети, ЕУ ќе вложи огромни финансиски средства за реализација на своите коридори. Трасите на Коридорите 8 и 10 се дефинирани на Паневропска конференција како транспортни врски што се лоцирани во Средна и Источна Европа, но главен проблем на ова конкурентско определување на трасите е што зад него не стои никаков финансиер. Позади европските TEN-T коридори стојат директно фондовите на ЕУ, чиј стратешки интерес е инвестирање во нивната изградба.
Токму ЕУ, изминативе неколку години вложи финансиски средства за реализација на Паневропскиот Коридор 4, кој во нивната класификација е именуван како Источномедитерански коридор. Поради „тапкањето во место“ на Македонија во однос на зачленувањето во ЕУ, како и повеќегодишниот застој на домашен план во однос на изградбата и развојот на главните транспортни коридори, би можеле да ја изгубиме позицијата на транзитна земја. Во ситуацијата во која се наоѓа, Македонија мора со сопствени сили да најде финансиски средства за довршување на патната и железничката инфраструктура. Дури и да се обезбедат финансии, непостоењето граници меѓу земјите-членки на ЕУ значително го олеснува меѓународниот транспорт преку TEN-T коридорите. Ваквите околности би можеле да доведат до транспортна изолација на нашата земја.
Документи:
Новата мапа на европските коридори на ЕУ
30 приоритетни проекти за реализација во рамките на инфраструктурната политика
Основите на новата инфраструктурна политика за транспорт на ЕУ