Фирмите „Тинекс“ и Квинс“ како концесионери на етно-селото во Нерези вчера ги отворија портите на комплексот што се градеше неколку години наназад. Од „Тинекс“ сметаат дека етно-селото има голем туристички потенцијал и несомнено ќе придонесе кон развој на туризмот во нашата земја. „Етно-селото ќе ги направи македонската традиција и култура подостапни за домашните граѓани, а воедно преку посетата на странските туристи ќе ги пренесе и пошироко од нашите граници, со што светот ќе има уште една можност да се запознае со богатствата на нашата култура“, рече бренд-директорот на „Тинекс“ Цветанка Христовска. На вчерашниот настан присуствуваа сопственикот на „Тинекс“ Владимир Тодоровиќ и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Вкупната инвестиција во изградбата на комплексот достигна сума од 6,7 милиони евра, кои беа целосно исплатени од државниот буџет во изминативе неколку години. „Тинекс“ ќе управува со етно-селото во наредните 20 години, а притоа месечно ќе и уплаќа на државата по 3.500 евра, односно вкупно 840.000 евра за целиот период на траење на концесијата. Комплексот „Македонско село“ се простира на површина од 15.000 метри квадратни и е составен од шестнаесет автентични куќи. Етно-селото располага со сместувачки капацитет за 100 посетители, традиционален ресторан и простор за продажба на сувенири. Секоја од куќите во комплексот ја претставува македонската традиционална архитектура од велешко, битолско, струшко, прилепско, кратовско, беровско, делчевско, кумановско, тетовско, како и од реканскиот регион и од Скопска црна гора.