Претходна статија
Светска банка ќе го финансира експресниот пат кон Бугарија
Следна статија
На продажба пет парцели од индустриската зона „Прилеп 2“

Етно – селото кај Нерези сè уште без концесионер

Објавено на 02.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Веќе шести месец проектот „Македонско село“ во Горно Нерези седи под катанец и го чека својот управител што ќе стопанисува со овој владин проект вреден 5,4 милиони евра. Комплексот беше најавуван голема инвестиција, која на странските посетители ќе им ја прикаже традиционалната македонска архитектура на едно место. И додека објектот финансиран од државниот буџет е затворен, од извршната власт веќе неколку месеци не можат да се договорат кој ќе го управува етно – селото.

 

 

Од почетокот на годинава до денешен ден, се сменија неколку приказни поврзани со управувањето на етно – селото, составено од 12 традиционални куќи од различни региони во земјава. На почетокот од годинава, Министерството за економија ја објави информацијата дека скопската фирма „Тренд“ ќе управува со комплексот во наредните 20 години, за кирија од 2.030 евра месечно. По само неколку месеци од ваквите информации, кон крајот од август беше публикувана веста дека избраниот концесионер се откажува од соработката.

 

Македонската влада тогаш најави дека со туристичкиот комплекс ќе управува нејзината Служба за општи и заеднички работи, но по само еден месец оттаму стигнуваат информации дека уште не се знае што ќе се прави со проектот „Македонско село“. Најновите информации се дека владата наскоро ќе одлучи дали самата ќе управува со комплексот, или пак, за истиот ќе биде распишан нов јавен повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство.

 

Проектот „Македонско село“ се влече со реализација од државата повеќе од пет години. Неговата изградба започна во јуни 2011 година, а тогашните рокови за завршување се неколку пати пробиени. Просторот се состои од традиционални куќи од велешко, битолско, струшко, прилепско, кратовско, беровско, делчевско, кумановско, тетовско, како и од реканскиот регион и Скопска Црна Гора. Посетителите ќе може да купат сувенири, традиционална храна, но и да преспијат и да ги пробаат македонските специјалитети.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk